Шолц го презеде раководењето со германската влада: Силни врски со САД, поблаг однос кон Кина и строг однос кон Русија

Олаф Шолц канцелар на Германија/ EPA-EFE/CLEMENS BILAN / POOL

Првата жена на позицијата германски канцелар, Ангела Меркел се повлече од политиката по 16 години и четири мандати, а на нејзиното место дојде Олаф Шолц, лидерот на Социјалдемократската партија, по формално, тајно гласање во парламентот.

Шолц стана деветтиот повоен канцелар на Германија со положувањето заклетва во Бундестагот во средата, а неговиот кабинет ќе го сочинуваат 16 министри – седум од СПД, пет од Зелените и четворица од ФДП.

Олаф Шолц и Ангела Меркел EPA-EFE/

Министерот за финансии во времето на Меркел, Шолц ја предводеше својата СПД до победа на изборите на 26 септември, а тоа веројатно се должи на неговата стратегија да го имитира стилот на Меркел. Новата германска влада, таканаречената коалиција „семафор“ именувана по партиските бои, минатиот месец склучи четиригодишен пакт наречен „Осмели се да направиш повеќе напредок“, во знак на почит на историскиот завет на социјалдемократскиот канцелар Вили Брант од 1969 година „Осмели се на повеќе Демократија”.

– Имаме шанса за нов почеток за Германија – рече Шолц во своето обраќање пред СПД викендов.

Неговата влада има за цел да ги намали емисиите на јаглерод, да ја поправи застарената дигитална инфраструктура, да ги модернизира законите за државјанство, да ја зголеми минималната плата и да ја легализира марихуаната. Шолц и неговиот тим ветуваат стабилност, во време кога Европа се бори со „афтершокови“ предизвикани од Брегзит, кога Франција се соочува со клучни претседателски избори следната година, а има голем број неодложни прашања како што се пандемии, мигрантски кризи, енергетски кризи и односите со САД, Русија и Кина, вклучително и можен бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг.

Олаф Шолц EPA-EFE/

Посилна ЕУ и подобри односи со САД

Новиот германски канцелар вети дека неговата влада ќе се залага за силна Европска унија и ќе го унапредува трансатлантскиот воен сојуз, но го остави прашањето за приклучување кон дипломатскиот бојкот на САД на Олимпијадата во Пекинг – отворено.

Левичарскиот социјалдемократ, Шолц претставувајќи се како прагматичен и умерен, испрати порака за континуитет во надворешната политика и најави дека , во согласност со традицијата на германските канцелари , за прва посета на странска држава ќе ја избере својот близок сојузник Франција,

На европско ниво, Шолц тесно соработуваше со Франција и ја убеди Меркел да го поддржи Европскиот фонд за закрепнување вреден 800 милијарди евра, во обид да им помогне на земјите-членки најтешко погодени од пандемијата. Според Ројтерс, тој е искусен преговарач и ветеран политичар кој беше генерален секретар на Социјалдемократската партија од 2002 до 2004 година. Министер за труд во првата коалициска влада на Меркел, градоначалник на Хамбург и министер за финансии.

На конференцијата во Берлин во вторникот, Шолц, исто така, го истакнал проевропскиот став на неговата влада, наведувајќи дека Берлин ќе дејствува „во заеднички интерес на Европа“ и ќе бара „да овозможи напредок во Европа“. Шолц спофед медиумите јавно ги нападнал критичките лидери на ЕУ меѓу кој и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Не можеме да се однесуваме онака како што би постапиле некои луѓе одвреме-навреме – да заземеме жесток став во својата земја, малку да се лутиме против Брисел, а потоа таму да правиме зделки и компромиси – истакна Шолц.

Како член на кабинетот на Меркел, тој веќе се сретна со светските лидери, вклучувајќи го и американскиот претседател Џо Бајден, на самитот на Г-20 во октомври. Неговиот прв самит на ЕУ доаѓа само една недела по полагањето заклетва – лидерите на 27-те земји-членки ќе се сретнат во Брисел 16-17. декември.

– Новата влада сака да продолжи со напорите што Германија ги направи во последните години за создавање силна, суверена Европска унија. Истовремено, ќе го нагласиме трансатлантското партнерство и нашата соработка во НАТО – рече Шолц, додавајќи дека му е „многу благодарен“ на Бајден што го истакнал концептот „заедница на демократии“.

Германско и Руско знаме . EPA-EFE/FILIP SINGER

Предупредување до Русија, поблаг однос кон Кина

Што се однесува до Кина, Шолц во вторникот зазеде поблаг тон, што наведува „Политико“ потсетува на неконфронтирачкиот пристап на Меркел кон Пекинг. Тој ги избегна новинарските прашања за построгиот однос на Германија кон Кина поради кршењето на човековите права, како што е планираниот бојкот на Зимските олимписки игри во февруари. Шолц ги нагласи блиските врски меѓу Германија и САД, но посочи дека Берлин допрва треба да одлучи како да се справи со „специфичните ситуации“ како што се Олимписките игри.

Тој посочи дека Германија „внимателно ќе го разгледа“ ова прашање и ќе донесе одлука во меѓународен контекст. Сепак, Шолц укажа на потребата од кооперативен пристап кон Кина.

– Сметаме дека е важно да направиме се што можеме за светот да соработува на меѓународно ниво и сите активности што ги преземате мора во секој случај внимателно да се одложат. Во свет кој треба да работи заедно, се работи и за искористување на сигналите на соработка – рече тој.

Тој, исто така, ја подвлече посветеноста на Германија на „нормандскиот формат“ на преговорите со Франција, Русија и Украина, чија цел е смирување на тензиите во Донбас и рече дека е „многу загрижен“ поради акумулацијата на руски војници на украинската граница. Во вторникот Шолц побара од Русија да го почитува „интегритетот“ на границите на Украина и рече дека „заканата за Украина“ ќе биде „неприфатлива“, објави „Политико“

Освен состојбата во Украина друга точка на тензија во односите меѓу Русија и Германија е рускиот гасовод Северен тек 2, чија изградба е завршена, но чека германска сертификација, додека Киев предупредува дека тоа би било закана за нивната безбедност бидејќи ќе ги намали пречките за можна инвазија. бидејќивМосква во моментов се потпира на преодниот гас преку Украина.
Претходникот на Шолц, Меркел претходно предупреди дека „гасот не треба да се користи како геополитичко оружје“.

Германија ковид EPA-EFE/CONSTANTIN ZINN

Пандемија

Четвртиот бран на ковид и појавата на нов, заразен вид , омикрон , веќе ја ставија новата коалиција на тест.

– Соочени со корона пандемијата мора да почнеме одново – ова се околностите со кои се соочува новата влада – рече Шолц на конференцијата.

Во Германија од Ковид досега починале повеќе од 103.000 луѓе, додека со доаѓањето на зимата бројот на заразени се зголемил. Одделите за интензивна нега се преполни, а експертите предупредуваат, дека најлошото допрва доаѓа. Речиси 70.000 пациенти беа регистрирани во минатата недела , а над 6,27 милиони од почетокот на пандемијата.

Германија ковид-19 коронавирус
Медицинско лице се грижи за пациент којшто е заразен со коронавирусот / Фото: EPA-EFE/FRIEDEMANN VOGEL

По Австрија, Германија најверојатно ќе воведе задолжителна вакцинација, а Шолц веќе ја поддржа иницијативата за задолжителна вакцинација за сите и забраната за невакцинирани лица да влегуваат во продавници.

До средината на март сите медицински работници во Германија ќе треба да ја примат вакцината против Ковид. Шолц планира прашањето за задолжителните вакцини да го стави на гласање во парламентот пред крајот на годината, за да може законот да се примени во февруари или март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот