Школа за безбедност 2021: Евроинтеграција на Западен Балкан е единствен одговор на влијанието на надворешните актери

Знамињата на земјите од Западен Балкан / Фото: Архива

Единствено евроинтеграциите водат кон долгорочна перспектива за регионот на Западен Балкан, но доколку евроинтеграциите траат со години алтернативите за ЕУ ќе стануваат покредибилни. Затоа, процесот на европеизација и интеграција на Западниот Балкан е единствен одговор на влијанието на надворешните актери во регионот.

Ова беше порачано денеска на свеченото отворање на регионалната школа за безбедност „Надворешните актери и нивното влијание на регионалната безбедност и евро-интегративниот процес на Западен  Балкан” во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер”, Центарот за европски студии Вилфред Мартенс и Универзитетот Св. Климент Охридски-Битола.

Претседателот Стево Пендаровски, во своето обраќање на свеченото отворање на конференцијата, посочи дека надворешната асистенција во развојот на нашата демократија била најделотворна кога постоела кохезија и синхронизација од двете страни на океанот, и нагласи дека и преостанатите крупни прашања и проблеми на Западниот Балкан не можат да бидат решени ако Европа и Америка не го кренат нивото на взаемна координација.Европските перспективи за земјите од Западен Балкан, нагласи Пендаровски, се клучен фактор за севкупен развој на земјите од регионот.

–Ги разбираме сите внатрешни дебати со кои се соочува ЕУ, меѓутоа перспективите за целосна интеграција на Западен Балкан во унијата ќе мора да бидат реализирани најмногу на среден род. Во спротивно, алтернативите за ЕУ ќе станат далеку покредибилни од тоа што се, иако и денеска не се сосема маргинални, изјави Пендаровски.

Само евроинтеграциите водат кон долгорочна перспектива за регинот, и, посочи тој, ќе биде трагично ако тие интеграции бидат попречени не толку од ЕУ, колку од самите нас преку анахрони историски интерпретации.

–Со посебна загриженост гледам на серијата нон-пејпери кои заговараат ново менување на границите на Балканот и чија логика е да продуцираат повеќе регионална нестабилност отколку, она што е наводно првичниот план на креаторот на овие идеи регионална стабилност, изјави Пендаровски.

Ако интеграциите траат со години и наместо интеграции почнат да циркулираат вакви предлози, според Пендаровски, логично е нашите граѓани да покажуваат интерес и за други опции.

– За жал, во последно време тоа го покажуваат и некои истражувања. Опаѓа поддршката за западно ориентираните организации и земји и за првпат по три децении расне поддршката за некои други регионални организации и модели на управување, изјави Пендаровски.

Германската амбасадорка Анке Холштајн, на отворањето рече дека пандемијата покажала што може да се случи доколку ЕУ и другите остават простор.

–Не бевме тука на време да дадеме вакцини во истот момент кога започнавме со вакцинација во ЕУ. Ние задоцнивме и самата таа празнина беше пополнета од други, изјави Холштајн.

Убедени сме, нагласи таа, дека ЕУ треба да ги исполнува своите очекувања и затоа, посочи дека Германија притиска на брз начин да се започнат преговорите со Северна Македонија.

–Кредибилноста на ЕУ е ставена под знак прашање. Интегрирањето на Западниот  Балкан во ЕУ е стратешки интерес за сите нас и доколку не се направи тоа, други актери кои не ги исполнуваат нашите вредности ќе ја пополнат оваа празнина, рече Холштајн.

Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнс, на отворањето рече дека, и САД и Северна Македонија можат многу подобро да се справат и одговорат на хибридинте напади, доколку се борат заедно отколку секој посебно.

– Затоа е важно Северна Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ. ЕУ ќе биде посилна доколку ги интегрира земјите од Западен Балкан и со тоа што заеднички ќе застанат и ќе се борат против хибридните закани, изјави Брнс.

Поранешниот претседател на Европскиот парламент и Висок претставник за европски прашања при Фондацијата Конрад Аденауер, Ханс-Герт Потеринг, посочи дека конференцијата ќе допре теми кои се поврзани со геополитичките прашања за чие справување, како што покажа и бегалската криза во 2015 година, треба заеднички да изградиме пристап во регионот и во Европа и затоа целта е Западен Балкан да биде дел од ЕУ.

–  Не гледам дека постои некоја друга иднина за регионот, освен во рамки на Европската унија. Денешниот настан, покажува на многу начини зошто е многу значајно и зошто е ова е заеднички интерес, изјави Потеринг.

Гледаме дека има зголемување на активности од други надворешни актери како Кина, Русија и Турција во регионот на Запден Балкан, и за жал, рече Потеринг, поради пандемијата можеби изгледа дека овие актери може да ги решат проблемите на подобар начин отколку Западот.

–  Свесен сум дека овие перспективи и перцепции имаат свое влијание на процесот на интеграции на земјите од Западен Балкан и се поголемиот евроскептицизам. Овој евроскептицизам, станува се повидлив не само меѓу граѓаните, туку и меѓу некои политички и општествени кругови во Северна Македонија. ЕУ мора да демонстрира јасна посветеност за Северна Македонија, како и за целиот регион и да овозможи јасна перспектива за евроинтеграциите на овие земји, изјави Потеринг.

Тој упати апел до сите земји од регинот, кои се членки или не, дека само обединети ќе имаат повеќе просперитет, безбедност и слобода.

–        Регионот географски припаѓа на Европа и не можеме да го замислиме било како освен како дел од ЕУ. Затоа цело време треба да се потсетуваме и да ги демонстрираме европските вредности кои не се секогаш во линија со целите на некои други актири, изјави Потеринг.

Проректор на УКЛО Марјан Ѓуровски, на отворањето нагласи дека денеска американско-германското сојузништво и заеднички пристап е клучот за влијателен Евро атлански клуб и фукционален и стабилен Западен Балкан.

-Во иднина, ЕУ мора да заговара и работи на зголемување на солидарноста и конкретна подршка за овој дел од Европа. Во меѓувреме, Кина и Русија остваруваат исклучителен продор во регионот во обид да се променат надворешните и безбедносните политики на државите, рече Ѓуровски.

Според Ѓуровски, алтернативите за земји како Северна Македонија може да изгледаат нереални од перспектива на ЕУ, но разочарувањето и фрустрацијата секако можат да бидат двигатели за преориентирање кај некои граѓани.

-Северна Македонија има уште долг пат до членството во ЕУ, но без веродостојна перспектива, мотивацијата ќе се намали. Интеграцијата на регионот во ЕУ е исто така од интерес на ЕУ со цел да се стабилизира регионот и да не се остави на другите меѓународни чинители, чии вредности и цели се разликуваат на многу начини од оние на ЕУ и западните демократии, рече Ѓуровски.

Во рамки на три дневната конференција, која се одржува на хибриден начин – физички и оналјн, присуство ќе земат истакнати експерти и студенти од  Германија, Австрија, Белгија, Северна Македонија, Албанија, Грција и Србија.

Конференцијата се организира шестта година по ред од Фондацијата „Конрад Аденауер„ и Универзитетот „Св.Климент Охридски„, а проектот е поддржан и од  Центарот за европски студии Вилфред Мартенс од Брисел

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот