Шарл Мишел изрази „непоколеблива поддршка“ на ЕУ за Украина

Фото: EPA-EFE/JOHN THYS / POOL

Претседателот на Советот на Европската унија, Шарл Мишел денеска изрази „непоколеблива поддршка” на ЕУ за Украина, која се соочува со распоредување на руски воени сили на нејзините источни граници.

По телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Мишел рече дека „ЕУ е обединета во солидарност со Украина” и оцени дека потезите на Русија на границата „претставуваат заканувачки и дестабилизирачки активности”.

Мишел рече дека ќе присуствува на самитот на Кримската платформа во Украина на 23 август, во пресрет на денот на независноста на земјата.

Неговата најава дека ќе присуствува на самитот доби посебно внимание откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја одби поканата на Зеленски да присуствува на прославата на 30-годишнината од независноста на земјата, коментираат светските агенции.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба денеска изјави дека неговата земја бара посилна поддршка од Западот, бидејќи руските трупи се собираат близу нејзината источна граница и се интензивираат борбите со сепаратистите поддржани од Русија.

По разговорите со колегите од Естонија, Летонија и Литванија, Кулеба побара од балтичките земји да им се обратат на другите членки на ЕУ и НАТО во врска со обезбедување „практична помош” на Киев.

ЕУ силно ја поддржа Украина за време на седумгодишниот конфликт во источниот дел на земјата и воведе санкции за Русија поради анексијата на украинскиот полуостров Крим во 2014 година.

Францускиот претседател Емануел Макрон утре во Париз треба да се состане со Зеленски за да разговараат за моменталната состојба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот