Шалтерот наречен „веднаш се враќам“

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Државната администрација ќе стане ефикасна кога властите ќе вработат професионалци наместо сопартијци, бројот на вработени ќе биде оптимален и кога критериумите нема да бидат партиски интерес и одржувањето на клиентелизмот како инструмент за владеење.

Административците се претргнаа од работа, па се предлага да добијат четири часа скратување на работната недела со предложениот Нацрт-закон за административни службеници, кој го подготви Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Државните советници, пак, според предлогот, ќе можат да се пензионираат на 55 години, односно да добијат спогодбен раскин на работниот однос во пакет со отпремнина, или да бидат прераспределени на ново работно место.

Целта е администрацијата да се трансформира во „мала, ефикасна, задоволна, лесно достапна на граѓаните и сервисно ориентирана“, како и да биде „департизирана, деполитизирана и ослободена од непотизам и клиентелизам“, велат од МИОА.

Решението потсетува на она што вицепремиерот Артан Груби го понуди за прераспределба на „рамковните“ што седеа дома. Од таквата департизација и деполитизација беше формирано и Министерството за политички систем, една од 33 нови институции формирани во периодот од 2017 до 2020 година, кога нивниот број нарасна на 1.332!

Без вистински рез на бројот на вработени во јавниот сектор нема да се оствари посакуваната цел на оваа Влада – намалување на администрацијата за 20 отсто. Македонија е презадолжена за да издржи толкав буџетски товар од расходите за плати  наменети за гломазниот јавен сектор. Во споменатите три години, до крајот на изминатата 2020, бројот на вработени во овој сегмент, наместо да се намалува, е зголемен за околу 2.500 и изнесува 131.183.

Илјадниците отпуштени од стопанството во изминатата пандемиска година повторно останаа без одговор на прашањето – постои ли воопшто мерката отказ во јавниот сектор? Очигледно не и нема да постои додека партиите се тие што вработуваат. Иако платите не им се којзнае какви (95 отсто од „буџетарите“ имаат месечни примања под македонскиот просек, некои се и на минималец), главниот мотив за вработување „во државно“ е тоа што платата е сигурна и загарантирана, и може мирно да се „спие“ до пензија. Евентуално со обврска да се биде партиски бот на социјалните мрежи и да се лепат плакати на партиските кандидати пред избори.

Заработката на вработените во т.н. реален сектор, меѓу другото, зависи и од даночната политика. Што повеќе вработени има во јавниот сектор, толку поголеми се и давачките кон државата. Тоа само го засилува одиумот кон административците кои „земаат плата за нишање врата“, иако таквиот анимозитет доаѓа, пред сè, и од лошите искуства на граѓаните што изгубиле часови, па и денови пред шалтерите со залепено ливче на стаклото, со текст „веднаш се враќам“. За притоа да не се истенчат нервите, потребни се дебели врски или барем симболичен поткуп за еден обичен документ. Долниот „коруптивен праг“ е 200 грама кафе.

Закони за државната администрација се усвојувале и допрва ќе се носат, но таа ќе стане ефикасна дури кога властите навистина ќе вработат професионалци во јавниот сектор  наместо сопартијци, кога бројот на вработени ќе биде оптимален според обемот на работа и кога критериумите нема да бидат партиски интерес и одржувањето на клиентелизмот како инструмент за владеење.

Ако сакаме швајцарски плати, треба сите да работиме ефикасно и сериозно и во приватниот и во јавниот сектор, прокоментира премиерот Зоран Заев, кој е против овој предлог на Министерството што е дел од Владата што ја предводи (!?). Како и да е, приходи на ниво на швајцарски плати ќе имаат можност да добијат државните советници кои предвреме ќе заминат во пензија, но „веднаш ќе се вратат“ за некој владин хонорар како надополнување што се дава за членство во управни одбори на јавни претпријатија или на соработници во владини проекти. Колку реално ќе бидат присутни (како и службениците од зад шалтерите наречени „веднаш се враќам“) е сосем друго прашање!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот