Сеул го повика Пекинг поактивно да ги спречува провокациите на Северна Кореја

Фото: Profimedia

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол денеска ја повика Кина да преземе „поактивна и поконструктивна улога” во спречувањето на провокативната нуклеарна и балистичка ракетна програма на Северна Кореја, соопшти неговиот кабинет по разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Јун и Си ја одржаа својата прва билатерална средба на маргините на самитот на Г20 на индонезискиот остров Бали во услови на засилени севернокорејски тестирања на оружје.

Пјонгјанг изврши серија ракетни тестови оваа година, вклучувајќи го и веројатното неуспешно лансирање на интерконтинентална балистичка ракета, а неодамна истрела стотици проектили во морето додека Јужна Кореја и САД одржуваа заеднички воени вежби.

Јун изрази загриженост бидејќи изолираната комунистичка Северна Кореја ги ескалира тензиите со невиден број нуклеарни и ракетни провокации, соопшти неговиот кабинет.

„Се надевам дека Кина ќе преземе поактивна, поконструктивна улога како членка на Советот за безбедност на ОН и како соседна земја, му рекол Јун на Си“, се вели во соопштението.

Од своја страна, Си повика на подобри меѓукорејски односи, велејќи дека е подготвен да ја поддржи понудата на Јун да обезбеди помош за Северна Кореја во замена за денуклеаризација доколку северниот сосед е подготвен да ја прифати.

Јун предложи „храбар” економски план доколку Северна Кореја се согласи да се денуклеаризира, но Пјонгјанг ја критикуваше понудата како „бесмислена” и му порача на Јун да „замолчи”.

Јун и Си се согласија да ги забрзаат преговорите за втората фаза од билатералниот договор за слободна трговија, соопштија од канцелариите на двајцата претседатели.

Пекинг се надева на поголема соработка со Сеул во областа на високата технологија, пишува Синхуа, посочувајќи дека Си ветил „безбедни, стабилни и лесни глобални синџири на снабдување”, но се противи на „политизацијата на економската соработка”.

Билатералните односи меѓу Пекинг и Сеул се заладија во последниве години бидејќи Кина се противи на распоредување на американски противракетен систем во Јужна Кореја, која е сојузник на САД. Вашингтон претходно оцени дека Кина е најголемиот долгорочен предизвик за светскиот поредок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот