Секоја партија сака сама, во коалиција ако мора

Станува сè поизвесно дека партиите пред изборите нема да се групираат во два блока – владејачки, проевропски, на една и опозициски на друга страна – туку во метежот секоја партија за себе ќе се бори за гласачи.

Во пресрет на формирањето трета нова партија во албанскиот политички блок за само еден месец – независниот пратеник Скендер Реџепи викендов ќе го официјализира новиот политички субјект – станува сè поизвесно дека партиите пред изборите нема да се групираат во два блока – владејачки, проевропски, на една и опозициски на друга страна – туку во метежот секоја партија за себе ќе се бори за гласачи. Така најверојатно нема да се исполни очекувањето на изборите првпат да се соочат опозицискиот и владејачкиот фронт и така најјасно да се види чии политики преферира гласачкото тело. Иако засега е јасно дека Демократското движење на Изет Меџити, Беса и Алтернатива ќе настапат заеднички на изборите како нов опозициски фронт.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети го форсира т.н. европски фронт, но засега малку е веројатно дека би одел со заеднички листи со владиниот партнер СДСМ. Неофицијално, можна е предизборна коалиција со СДСМ и со партиите од европскиот фронт, но не и на заеднички листи со македонските партии. Можно е „фронтот“ да оди и по етничка линија, односно заеднички листи со владејачката ДПА, но и Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, како и партијата во најава на Скендер Реџепи. Според наши информации, на Ахмети клучна му е предизборна соработка со Алијанса на Албанците на Арбен Таравари. Алијанса, пак, планира самостоен изборен настап, но ако не оди сама на избори поверојатно е дека ќе биде во европскиот фронт.

Неофицијално, таму се гледа и новата партија на Реџепи, но не е за заеднички изборни листи со македонските партии. Таква варијанта е можна само ако двата блока, проевропскиот и опозицискиот, настапат со заеднички листи, а тоа би значело опозиционерите Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши да одат на листи со ВМРО-ДПМНЕ.

Европската демократска партија на Хоџа нема безусловно да биде дел од европскиот фронт, односно ќе соработуваат само со лица што немаат коруптивни и криминални опашки, во спротивно не исклучува самостоен настап.

Лидерот на Алијанса Арбен Таравари, иако е дел од власта, веќе изјави дека тој лично е за самостоен изборен настап, но речиси е извесно дека партијата нема да биде дел од опозицискиот фронт. Особено откако викендов поранешниот лидер Зијадин Села упати остри критики до Гаши, Касами и до Меџити, кои ја повикаа Алијанса да им се приклучи. Села ја критикува Алтернатива дека во 2020 година кога го правеле опозицискиот фронт против ДУИ им дале четири пратеници, но дека Алтернатива го прекршила договорот за соработка и им свртела грб.

За соработката со Беса, Села вели:

„На овој другиот му дадовме власт за да се зајакне опозицискиот блок, исто како што во 2017 година кога бевме дел од владата. Тие се поделија на два дела и нè избркаа од Владата во која тој самиот влезе. Им дадовме локална власт за да изградат опозициски блок, а тие трчаа по луѓето од Алијансата за да ја ослабат, но не им успеа“.

За Меџити, кој е дел од опозицискиот фронт, Села вели дека кога требало да ја урнат Владата, тој рекол дека ќе биде 61-виот пратеник што ќе гласа да падне Владата, но не се појавил на седницата.
Говорот на Села предизвика бурни реакции кај Алтернатива, Беса и кај Демократското движење, кои му порачаа дека Алијанса, наместо да ја урне ДУИ од власт, ќе оди на избори со партијата на Ахмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот