Секој втор угостителски објект бара работник: Гостите се вратија во рестораните, угостителите заминаа на море

келнер угостител кафич ресторан кафуле кафана
Скопски угостител / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Тврдам дека секој втор угостителски објект бара работници. Еден дел од нив за време на пандемијата се преквалификуваа и најдоа друга работа, но најголем дел од готвачите и келнерите заминуваат да работат на море, особено во Хрватска и во Црна Гора, вели Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.

Откако пред две недели се укинаа сертификатите за отворениот дел на угостителските објекти, со првите пролетни температури се зголемува интересот на посетителите за угостителски објекти. Она што е уште поважно, како што велат угостителите, е што веќе „на големо“ се закажуваат свадби, а се резервираат и термините за матурските прослави. Но, негативната страна е што нема кадар за работа во рестораните и во кафулињата, па угостителите се исправија пред нов предизвик – како да работат.

– Тврдам дека секој втор угостителски објект бара работници. Еден дел од нив за време на пандемијата се преквалификуваа и најдоа друга работа, но најголем дел од готвачите и келнерите заминуваат да работат на море, особено во Хрватска и во Црна Гора. Тие не размислуваат долгорочно, едноставно сега имаат можност да работат на море и да бидат поплатени и ја напуштат овдешната работа за сезонска работа надвор од државата – вели Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.

Огласи за работа во Хрватска и во Црна Гора има и на нашите сајтови за вработување, и тоа пуштени директно од тамошните хотели и ресторани. На пример, се бараат собарки, хигиеничари, готвачи, помошник готвачи, келнери за позната хотелска групација „Будванска ривиера“. Кадар се бара и за работа во ресторани, па црногорскиот ресторан „Хедонист“ нагласил дека нуди и сместување и исклучителна плата.

„Слободен печат“ стапи во контакт со еден скопјанец, кој веќе е заминат на работа во Хрватска, во Дубровник.

– Почнав со работа од 1 април, а договорот ми е до 1 ноември. Овде имам сместување и еден оброк. Платите за шанкери и келнери се меѓу 1.000 и 1.500 евра. Искусни готвачи може да заработат и по 2.000 и 3.000 евра месечна плата. Ова не е работа „на диво“. Имаме потпишан договор, привремена лична карта и сме осигурени – објаснува нашиот соговорник.

Јосифовски вели дека кај нас биле потценети рестораните, па затоа имало и пониски примања за персоналот.

– Кај нас, во последниве децении се создаде една „навика“ и средношколци, и тоа со такси, редовно да си доаѓаат на ручеци во ресторан. Ова се овозможи со ниски цени, а притоа почна да се губи и на квалитет што би требало да биде достоен за ресторани. Мора да имаме повисоки цени за ресторанските услуги, тоа да не биде сведено на народна кујна, па така и персоналот ќе биде повеќе платен – вели Јосифовски.

Тој објаснува дека во недостиг на кадри, сосема го сменил начинот на работа на неговиот ресторан, па тој сега функционира по принципот на самопослужување, а се нудат менија за појадок и за ручек.

– Успеав да задржам добри готвачи, но така што им понудив еден вид партнерство во работата. Така, сега тие добиваат процент од заработката, а тоа ги мотивира подобро да работат, да останат тука и да создадат услови да имаа заработка како да се во некоја друга земја од регионот – вели Јосифовски.

Според него, во државава мора да се случи еден вид реформа на угостителството според новонастанатите услови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот