Седум деца од прифатниот центар Визбегово немаат туберкулоза, другите 15 чекаат резултати

ЈЗУ Институт Козле /Скопје, 29 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Готови се резултатите за седум деца кои што беа тестирани за туберкулоза во болницата во „Козле“ и сите се негативни. Во наредните две недели етапно ќе се тестираат и другите деца од прифатниот центар, околу 15 на број, потврди за „Слободен печат“ доктор Катерина Бошковска раководителка на одделот за туберкулоза во ЈЗУ Институт Козле.

Состојбата со туберкулозата во земјава стана тема од внимание откако десетмесечно бебе тешко само три килограми почина на Детската клиника во Скопје поради компликации од болеста. Позитивна беше и неговата мајка. Потоа на Детската клиника позитивно на туберкулоза потврдено беше уште едно дете на возраст од двеипол години кое што е на респираторна машина.

Двеипол годишниот пациент бил примен на клиниката со друга дијагноза, со конвулзии, температура и во тешка општа состојба но постојано поради сомневања лекарите праќале брисеви и за туберкулоза и еден од нив се вратил позитивен. Како компликација кај ова дете се јавил хидроцефалус. Туберкулозниот менингитис кој што го има ова дете е тешка компликација од болеста.

Лекарите смируваат дека нема простор за паника, но и повикуваат да не се стигматизираат луѓето кои можеби имаат туберкулоза. Нема детален преглед за вакциналниот статус на сите деца кои чекаат да бидат прегледани, бидејќи дел од нив немале здравствени легитимации.

-Бројот е голем бидејќи се многудетни семејства. Но и ковид-пандемијата си го направи своето, ние три години бевме сконцентрирани на лекување на ковид и имаме пораст на туберкулоза, но и на други заболувања како кардиоваскуларни, малигни, вели д-р Бошковска.

Според податоците од Институтот за јавно здравје туберкулозата претставува заразно заболување предизвикано од бактеријата Mycobacterium tuberculosis и истото се пренесува аеро-капково. Само неколку микроорганизми се потребни за да предизвикаат инфекција. Годишно во светот околу 10 милиони луѓе заболуваат од туберкулозата и покрај тоа што е болест што може да се превенира, додека околу 1.5 милиони секоја година умираат од ова заболување. Се смета дека околу една четвртина од светската популација има латентна туберкулоза, што значи дека кај кој било од нив може да се развие целосното заболување.

Ова заболување е широко распространето, односно се јавува во сите делови од светот. Статистичките податоци од 2018 година посочуваат дека најголем број новозаболени биле во Југоисточна Азија – 44%, а на второ место е Африка со околу 24% на новозаболени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот