
Се развеа македонското знаме: Емотивен концерт на „Ил диво“ во Скопје, во чест на починатиот Карлос Марин
Музичката сензација „Ил диво“ во саботата вечер со својот настап ја маѓепса публиката во „Арена Борис Трајковски“ во Скопје. Со самото излегување на сцената, членовите на „Ил диво“ на македонски јазик ја поздравија и ѝ се заблагодарија на бројната публика.
Препорачано
Концертот е во рамките на нивната турнеја „IL DIVO greatest hits“ посветена на починатиот член Карлос Марин.
По трагичната смрт на Карлос, преостанатите членови на мултинационалната група, Американецот Дејвид Милер, Французинот Себастијен Изамбар и Швајцарецот Урс Бухлер, продолжија со својата турнеја во знак на почит на Марин.
Концертот во Скопје беше полн со емоции и во чест на нивниот колега, кој почина лани од последици од ковид-19. На сцената имаше и едно празно, осветлено столче за Карлос.
Изведувајќи ги препознатливите хитови, тројцата членови на „Ил диво“ во текот на целиот концерт емотивно се присетуваа на починатиот колега и пријател Карлос Марин.
„Седумнаесет години ние бевме заедно со Карлос на ова неверојатно патување на ‘Ил Диво’“, рекоа во емотивното обраќање.
Тие на сцената раскажаа и анегдоти од нивната кариера, како и тажни и среќни моменти.
Специјален гостин на концертот беше мексиканско-американски баритон Стивен ЛаБри.
Сите најдобри и најатрактивни нумери од нивните „први“ речиси 20-тина години, колку што постојат, беа изведени на концертот.
На крајот на концертот, пејачите го развеаја и македонското знаме, што предизвика силен аплауз кај публиката, која ја кренаа на нозе за заедно да запее и заигра со нив.
Концерот беше во организација на „Прагма продукција“.
View this post on Instagram
„Ил диво“ досега настапувале на „историски“ настани како што е свеченото отворање на Светското првенство во фудбал во Германија, на дијамантскиот јубилеј на англиската кралица, снимија дуети со ѕвезди како Селин Дион, Барбра Стрејсенд, Тони Брекстон и многу други.
Карлос Марин својот последен концерт со бендот „Ил диво“ го одржа на 6 декември во рамките на новогодишната турнеја која беше закажана во Велика Британија. А како што објавија британските медиуми, тој веќе следниот ден бил тестиран позитивен на коронавирус, а потоа бил хоспитализиран во Манчестер на 8 декември.
Неколку дена подоцна, Марин беше ставен во медицински индуцирана кома и префрлен во Кралската болница во Манчестер, каде што почина на 19 декември. Загубата на колегата и пријател длабоко ги погоди членовите на бендот, кои сепак решија да одржат турнеја во чест на Карлос во 2022 година.
Од коронавирус почина пејачот на бендот „Ил Диво“, на 53-годишна возраст