Се напивте ли дијазепам утрово?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Земете пакетче од кои било шпагети и ставете ги да се варат во зовриена, претходно посолена вода. И малку маслинов зејтин во неа. Кога доволно ќе се сварат – ал денте, да не ви се лепи превареното тесто за непцето и забите – ставете ги шпагетите во длабока чинија и прелијте ги со сос болоњезе. Додајте ситно сецкани лукче и магдонос. Добро промешајте со правење „вртелешки“ со вилушка, додека сосот рамномерно не се помеша со шпагетите.

Така подготвени, земете ја чинијата со шпагети и треснете ја од ѕид!

Она што ќе остане залепено, неисцедено од ѕидот – е екстрактот од денешниот начин на кој се води јавната општествено-политичка дебата во Македонија. Ѕидот трпи сè, особено на Фејсбук. Потоа ѕидот се „лиже“ и размачкува, без правила и последици, според вкусот, определбите и состојбата со нервите на учесниците во јавната дебата. Лимити за лечење на таа фрустрација не постојат.

Ова ќе биде превладувачката атмосфера во месеците до изборите: аферите, скандалите и лажните вести, помалку од критичкиот осврт врз политиките и резултатите од владеењето, ќе го диктираат победничкиот резултат на изборите. Според сите сегашни проекции, тој резултат ќе биде тесен.

Но, потоа, кој, всушност, ќе формира влада ќе биде прашање на политика. Во тоа ќе се „замешаат“ меѓународните и домашните математики. Затоа, а не заради – далеку било! – убедливоста во владеењето, СДСМ е, сè уште, во извесна предност пред ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата наврапито и по разни прашања – од Преспанскиот договор, до односот со Албанците – се обидува да ја поврати постизборната иницијатива.

Изборите, овие повеќе од кои било до сега, ќе ги решат оние околу двеста илјади гласачи кои, за разлика од партиските гласачки машинерии, не знаат што им е да чинат. Тие се, во принцип, разочарани од СДСМ (и многу повеќе од ДУИ), но тешко дека би обуле чевли за да излезат со изборна поддршка на она што ќе го предводи ВМРО-ДПМНЕ како предизборна или постизборна коалиција. Таа рана сè уште ги пече и боли и тешко заздравува, дури и без разлика на оној од Будимпешта секојдневно сол што ѝ дотура.

Според тоа – кога ќе ги исклучите гласачите „од инает“ или оние со многу лична фрустрација – голем број од збунетото или апатично граѓанство ќе биде исправен пред најтешката одлука во секои политички избори: да гласаат „стратегиски“, без голем ентузијазам за она што ќе го заокружат, но со свест за бирање на „помалото зло“. На некои „најмалото зло“ ќе им се стори воопшто и да не излезат на гласање или ливчето, едноставно, да го нашараат со бесилки и разни форми на наивни мотиви од меѓуножјата.

Гласале или не, вака или онака, тоа, сепак, подразбира одлука за тоа што сакате да правите со блиската и подалечната историја: од неа да учите за иднината или да се тешите за минатото. Тоа е таа интимна, „стратегиска“ одлука што секој ќе треба да ја донесе.

Во носењето на такви софистицирани одлуки, јавната дебата со ѕидот намачкан со тесто и сос од шпагети (да не употребам некои други, посмрдливи алузии) воопшто не помага. Таквата каша-попара од дебата има за цел да го помати умот, да ги засили емоциите, пред сè негативните и оние полни со омраза, пред разумот.

И опозицијата и власта во Македонија знаат дека, општо земено, во политиката првите три години владеење се помалку важни од последните три месеци и три недели пред изборите. Во тој период ќе се концентрираат сите популистички и пропагандистички удари и контра-удари. Уште не можеме ни да претпоставиме какви сè компромитирачки „крокодили“ ќе испливаат на површина, паралелно со гласачките поткупи од секаков материјален и нематеријален вид.

Затоа, врзете се и подгответе се за слетување на кратка писта, по лошо време, со расипан радар и „нашмркани“ пилоти во авионот. Во случај на губење на притисок во кабината – Господ да ви е на помош!

Извор: civilmedia.mk

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот