Се финализираат деталите за вакцините: Филипче тврди „доаѓаат наскоро“

Засега не се знае кога точно во земјава ќе пристигнат вакцините против ковид-19 со кои треба да започне масовната имунизација на населението. Процесот на вакцинација почна, но само на директно изложените здравствени работници во ковид центрите со пратката од 8.000 вакцини на „Фајзер“ што беа добиени преку Србија. Надлежените уверуваат дека разговорите со производителите продолжуваат и оти пратките со вакцини ќе пристигнат во најскоро време.

Северна Македонија треба да добие 200.000 илјади вакцини од кинескиот производител „Синофарм”. Покрај очекуваните количини преку системот Ковакс, во тек се разговори за набавка и на 100.000 дози од руската „Спутник V,“ како и вакцини од „Фајзер“.

Министерството за здравство вчера соопшти дека го повлекло авансот што беше уплатен за набавка на вакцини од „Синофарм”, но оти договорот не е откажан. Уплатата била повлечена на барање на кинеската страна поради усогласување на документацијата.

Министерот Венко Филипче тврди дека авансот за кинеските вакцини е повлечен поради наша сигурност. Потенцира дека, и покрај тоа, разговорите за овие вакцини се во завршна фаза и дека тие за многу скоро ќе бидат во земјава.

– Тоа го направивме за наша сигурност, секако. Никако не значи дека нема да стигнат вакцините, но со оглед на тоа што самиот процес траеше подолго време од тоа што сите ние на почетокот планиравме, понатаму се бараа многу дополнителни документи, нешто што се случува практично со сите земји и на тоа многу често ни укажуваат. Се врати дел од средствата, но навистина преговорите сега овие денови па дури и за време на викендот ми се чини дека се во последната фаза и мислам дека целокупниот тој процес ќе се заврши и вакцините за многу скоро ќе пристигнат во нашата земја, изјави Филипче.

Во однос на вакцините од Ковакс механизмот, оттаму за март се најавени 20.000 до 30.000 вакцини од „АстраЗенека“. Интензивно се разговара и со производителот на руската вакцина „Спутник V“, за што неделава треба да се добијат конкретни податоци, а се чекаат и информации од преставништвото на „Фајзер“ кога ќе пристигне  драфт договорот од нивната канцеларија во Њујорк.

Филипче вели дека компаниите имаат свои барања од приемот, одговорностите во делот на вакцините и дека тоа е процес што важи за секоја земја во светот. Според него, нашиот здравствен систем е подготвен за вакцинирање на населението и засега вакцинацијата одлично се спроведува.

Околу 2.400 медицински работници се веќе вакцинирани и таа бројка оваа недела се очекува да достигне 4.000, односно да бидат вакцинирани сите здравствени работници кои работат со ковид пациенти. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот