Сараево – Берлин од Студената војна на нашето време

Американците се пресметуваат со Русите во Сараево. Европа со Русите и Кинезите. Европа со Турците, а Ердоган со Ѓуленистите. Саудиска Арабија се бори против Катар преку Сараево. Русите водат битка против Западот преку Сараево…

За Рудолф Ивановиќ Абел прв пат слушнав во годините кога во киносалите се прикажуваше „Мостот на шпионите“ на Спилберг. Некаде при крајот на филмот, дознав дека Абел е вистински лик и дека филмот се темели врз вистински настани. Неговото вистинско име беше Вилијам Август Фишер и со години беше руски шпион со кодно име Абел, кој работеше во САД. Заплетот потоа беше префрлен во поделениот во Студена војна Берлин, каде што Абел беше разменет за двајца заробени американски пилоти во раните 1960-ти.

Фасциниран од овој филм и вистинскиот настан, наоѓајќи се во Берлин неколку години подоцна, се обидов да ги пронајдам и да ги обиколам локациите од филмот, но колку и да се трудев, не успеав да ги разберам димензиите на поделбата и сето она што следеше по Студена војна помеѓу САД и моќниот Советскиот Сојуз.

НАТО, Русија, Источно Сараево…

Потоа Берлин дојде во Сараево. Ако сеќавањето добро ме служи, некаде по војната, во Добриња, се обидоа да изградат ѕид помеѓу Источно Сараево и Сараево. Доколку граѓаните не реагираа самоиницијативно, денес во Сараево ќе имаше „железна завеса“. Така сè, дури и симболично, би потсетувало на Берлин.

Но, без оглед на фактот дека нема ѕид и дека Источно Сараево и Сараево се во иста држава, овој град може да се смета за Берлин од Студената војна на нашето време.

„Во случај на практично приближување меѓу Босна и Херцеговина (БиХ) и НАТО, нашата земја ќе мора да реагира на овој непријателски чекор“, објави минатата недела Руската амбасада во Сараево и доби бурни овации во источниот дел на градот. Во тој момент, „западното“ Сараево го сврте погледот кон Американската амбасада. За ден-два пристигна реакција, а малку подоцна и одговор од седиштето на НАТО. „Соработката меѓу БиХ и НАТО не зависи од Русија“, објави НАТО.

Значи, имаме НАТО, имаме Русија, имаме Источно Сараево што ја поддржува Русија, имаме Сараево што го поддржува НАТО. Само немаме мост за шпиони, но затоа имаме безброј шпиони. Кога Путин се обиде да ги испрати своите „Ноќни волци“ во Босна и Херцеговина – познатите моторџии шпиони – овие другите шпиони, ориентирани кон НАТО, им забранија влез во БиХ. Тогаш Путин се обиде да го испрати воениот шпион Владислав Филипов во Сараево, па тие, од другата страна, му забранија влез. Потоа, овие руските шпиони, долго распоредени во БиХ, ги поништија дипломите на овие проамериканските шпиони и им намонтираа две или три подоцна отфрлени обвиненија. Тогаш оние од НАТО ги поканија своите шпиони во Брисел да се сликаат со нив. Потоа беше издадено соопштението и „завиената закана“ од Амбасадата на Руската Федерација во Сараево.

Сервис во пресметките

Можеби на површината не изгледа така, но Сараево во моментов ја води најголемата разузнувачка војна во Европа. Американците решаваат сметки со Русите во Сараево. Европа со Русите и Кинезите. Европа со Турците, а Ердоган со Ѓуленистите. Саудиска Арабија се бори против Катар преку Сараево. Русите водат битка против Западот преку Сараево. Србија се бори против Хрватска, Хрватска против Србија, Кина против сите, освен против Русија. Потоа Германија се пресметува со Лондон преку Сараево, па Лондон се пресметува со Брисел преку БиХ. Понекогаш Иранците се судираат со оние од Запад, кои потоа му се одмаздуваат на Иран.

И сето тоа преку Босна и Херцеговина. А, реално, сите тие се многу помоќни од Босна и Херцеговина и нејзините поделени институции, чии делови станаа сервис за сите овие земји во конфронтациите против другите.

 Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот