Победниците и губитниците познати, времето ќе покаже дали претежно емоционалниот избор беше и умен

Тони Поповски. / Фото: Архива на Слободен печат

Коалицирањето со ЗНАМ не би требало да биде предизвик поради сличноста на партиските програми, но по однос на ВЛЕН извесно е дека сите партнери ќе мора да се повлечат од барем еден дел од црвените линии што се зацртани во изборните програми, а потоа и реторички комуницирани до сопствениот електорат во форма на изборни ветувања. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, кој нема квантитативно силна опозиција во македонскиот камп, доколку ВЛЕН биде на власт, ќе се соочи со силна опозиција од коалицијата на ДУИ во албанскиот камп.

Во претходните две колумни се осврнав одделно на квантитативните и на квалитативните аспекти на резултатот од првиот круг на претседателските избори. Со оваа колумна ќе заокружам една аналитичка трилогија, имајќи го предвид епилогот од претседателските и собраниските избори. Резултатите се познати, а следствено и политичките победници и губитници.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ доби 436.036 гласови, односно го натфрли изборниот резултат од собраниските избори во 2020 година за заокружени 121.000 гласови, и безмалку го повтори изборниот резултат од 2016 година односно има само 18.000 гласови помалку. Оваа коалиција е убедлив победник на собраниските избори со плус 14 пратеници во споредба со 2020.
Во групата коалиции и партии што направија подобар резултат во споредба со 2020 година се коалицијата на ДУИ-проширен Европски фронт и со партии на помали етнички заедници, и Левица, двете со плус четири пратеници и коалицијата ВЛЕН претставувајќи ја опозицијата во албанскиот камп, со плус еден пратеник. Кај партиите на Албанците имаше фракционирање во ДУИ и во Алијансата на Албанците и друго фино подесување на помали субјекти во коалициите.

Притоа, од конечниот резултат и доколку се изземе учеството на партиите на помалите етничките заедници во коалицијата предводена од ДУИ, може да се заклучи дека ова тактизирање не создаде стартна предност кај Албанците за ниту една од рекомпонираните и меѓу себе спротивставени групации во тој камп, односно дојде до своевидно балансирање на силите. ЗНАМ е нова партија на политичката сцена со освоени 6 пратенички места.
Најголем губитник на изборите е коалицијата предводена од СДСМ која освои 154687 гласови, односно потфрли за заокружени 172.000 гласови во споредба со изборниот резултат од собраниските избори во 2020 и цели 281.000 гласови во споредба со резултатот од собраниските избори во 2016, резултирајќи со 28 пратеници помалку во споредба со 2020 година.
По однос на бројот на пратеници треба да се има предвид дека од претходната коалиција предводена од СДСМ на овие избори замина Беса и неколку партии на помалите етнички заедници, така да реално бројот на пратеници е намален на дваесетина.
Имајќи предвид дека ЗНАМ е партија со лидер и доминантно членство од социјалдемократска провениенција, освоените 6 пратеници (56.288 гласови) се претежно одземени од контото на изборна поддршка за СДСМ, што од своја страна придонесе за овој историски најлош резултат на социјалдемократите.
Симулација на мандатите во услови на една изборна единица, покажува дека Левица би добила плус 2 пратеника, а коалицијата на СДСМ и ЗНАМ уште по еден пратеник, респективно, додека коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ би имала по 2 пратеника помалку. Резултатот во мандати на коалицијата ВЛЕН би бил идентичен.
Што се однесува до партиските резервоари на поддржувачи, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е блиску до максималниот резервоар на поддршка, во споредба со коалицијата на СДСМ (широка, протестна – граѓанска коалиција создадена по „Шарената револуција“) каде што во споредба со 2016 има одлевање во Левица и ЗНАМ од вкупно 125.000 избирачи и цирка 35.000 избирачи на партиите на Турците, Ромите и Бошњаците кои се приклучија кон коалицијата на ДУИ. Сето ова упатува на заклучок дека минимум 120.000 избирачи ја повлекле поддршката за коалицијата на СДСМ, но близу 100.000 од нив сепак дадоа поддршка за Стево Пендаровски. Токму последново може да се смета за една поспецифична карактеристика на двојните избори. Истовремено треба да се одбележи и дека Сиљановска-Давкова оствари подобар резултат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за цирка 130.000 гласови, но претпоставка е дека тие дополнителни гласови се должат на поддршката на ЗНАМ и коалицијата ВЛЕН како и на потенцијалот на кандидатката да мобилизира дополнителни партиски неопределени избирачи. За последново придонесе и тактизирањето кај коалицијата на ДУИ по однос на постигнување на цензусот за избор на Претседател на Републиката.
По однос на албанскиот камп на политички партии, вкупниот број на освоени гласови е околу 245.000. Ако од него се одземат гласовите на помалите етнички заедници, доаѓаме до цирка 210.000 гласови на Албанците што како излезност и резервоар на избирачи се скоро идентични на двата последни изборни циклуси.
Повторно би сакал да нагласам дека оваа квантитативна анализа не ја зема превид варијаблата со миграциските процеси од 2016 година наваму и дека анализираните резервоари на поддржувачи на партиите се реално намалени за минимум 10%.
По однос на квалитативните аспекти на изборниот резултат, имајќи предвид дека одѕивот кај дијаспората беше симболичен, и поаѓајќи од претпоставка дека резидентното население со право на глас изнесува близу 1.5 милиони избирачи, излезноста на собраниските избори може да се процени на околу 66,5 отсто. Од нив, вкупниот резултат на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, на ЗНАМ и на Левица е околу 561.000 гласови, односно близу 67% од претпоставени цирка 840.000 резидентни избирачи Македонци согласно со резултатите од Пописот во 2021 година. Од преостанатите малку над 279.000 резидентни избирачи Македонци, цирка 135.000 (од 155.000 вкупно освоени гласови) ја поддржаа евроцентричната коалиција на СДСМ. Оттаму може да се извлече заклучок дека приближно околу 144.000 резидентни избирачи Македонци апстинираа од собраниските избори.

Следствено, излезноста кај резидентните избирачи Македонци може да се процени на околу 83% и од дистрибуцијата на гласовите може да се потврди мојот претходен заклучок после првиот круг на претседателските избори дека тројца од четворица изборно проактивни Македонци во Републиката во моментов се радикализирани, односно определени за партии кои се поблиску до крајностите во политичкиот спектар отколку кон умерениот центар. Како што напомнав и во претходната колумна, радикализацијата на електоратот може да претставува некаков облик на изборен вентил од наталожени фрустрации, но доколку потрае и се рефлектира врз начинот на владеење може да предизвика сериозни последици. Во претходната колумна ги анализирав и причините за радикализација на Македонците и не би се повторувал.
По однос на постизборните сценарија, може да се извлече заклучок дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е во полпозиција да формира влада, но претходно треба да дојде до програмско усогласување со потенцијалните партнери.
Коалицирањето со ЗНАМ не би требало да биде предизвик поради сличноста на партиските програми, но по однос на ВЛЕН извесно е дека сите партнери ќе мора да се повлечат од барем еден дел од црвените линии што се зацртани во изборните програми, а потоа и реторички комуницирани до сопствените електорат во форма на изборни ветувања. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ кој нема квантитативно силна опозиција во македонскиот камп, доколку ВЛЕН биде на власт ќе се соочи со силна опозиција од коалицијата на ДУИ во албанскиот камп. Останува да видиме во наредните седмици дали потенцијалните партнери се подготвени да платат неминовна политичка цена во рејтинг за да се дојде до одржлив владин – коалициски компромис. Секако, амбиентот на хронична партизираност на институциите може да апсорбира дел од тој притисок низ задоволување на лични интереси на дел од партиското членство и симпатизери, но претходната радикализација на партиските електорат порано или подоцна ќе си го наплати својот данок во популарност.

Рацин.мк

(Авторот е архитект и магистер на политички науки)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот