Само Џафери решава за судбината на седницата за уставни измени

Талат Џафери во Собранието / Фото: „Слободен Печат“/Драган Митрески

Не само поранешниот спикер Трајко Вељаноски, туку и 20 опозициски пратеници да побараат да продолжи седницата, Џафери не е обврзан да го закаже гласањето, односно може да се повика на дискрециското право со кое претседателот на Собранието одлучува кога и дали ќе продолжи седницата за уставни измени.

Претседателот на Собранието Талат Џафери нема да ја продолжи седницата за уставни измени ако власта не обезбеди двотретинско мнозинство, иако денеска истече рокот од 10 дена предвидени за дебата по која треба(ше) да уследи гласање за потребата од промени во Уставот. Дури и во случај 20 опозициски пратеници да побараат да продолжи седницата, Џафери не е обврзан да го закаже гласањето, односно повторно може да се повика на дискрециското право со кое претседателот на Собранието одлучува кога и дали ќе продолжи седницата. И додека опозицициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира да се гласа за потребата од отворање на Уставот за да покаже дека власта го нема потребното мнозинството, државниот врв апелира ВМРО-ДПМНЕ да гласа и да не дозволи земјава да го пропушти моментот за почеток на преговорите и за членство во ЕУ и пред 2030 година.

Гласањето за уставните измени мора да се случи најдоцна денеска и секое спротивно постапување не е во согласност со Деловникот, порача поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски по истекот на рокот од 10 работни дена од почетокот на седницата за гласање за потребата од уставни измени.  Според Вељаноски, основно правило за пристапување кон измена на Уставот е да биде обезбедно двотретинско мнозинство од бројот на пратеници и дека предлагачот на иницијативата за уставни измени, во случајов Владата, воопшто не требало да си дозволи да покрене ваква постапка без предходно да обезбедени 80 гласа „за“ во парламентот.

Фото: МИА

Во досегашната пракса на Собранието никогаш не се случило да се покрене постапка за измена на Уставот без претходно да се обезбеди политичка согласност од најмалку 2/3 од пратениците. Единствен исклучок е насилната постапка за измена на Уставот по Преспанскиот договор. Денес, 1 септември, завршуваат десетте работни дена откако беше отворена постапката и завршена расправата за измена на Уставот на собраниската седница број 123, закажана и одржана на 18 август. Гласањето мора да се случи денес. Секое спротивно постапување не е во согласност со Деловникот“, пишува во отвореното писмо Вељаноски.

Според него, политичките одлуки ги носи Собранието, а не неговиот претседател. Како излез од ситуацијата, Вељаноски предлага минимум 20 пратеници да бараат продолжување на седницата и Џафери да свика ад хок координација за да се договори датумот за гласање на уставните измени.

Џафери нема да му одговори на Вељаноски и нема да ја свика седницата, ако нема двотретинско мнозинство. Ова може да се заклучи од одговорот од кабинетот на собранискиот спикер, дека Џафери веќе се произнесол за процедурата. Тој се повика на дискрециското право да ја прекине седницата, ако го нема потребното мнозинство за одлучување (мнозинство имаше), но и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно.

Двајца поранешни претседатели на Собранието – Стојан Андов и Тито Петковски потврдуваат дека дискрециско право на претседателот на Собранието е да го толкува Деловникот.

– Џафери не згрешил. Точна е неговата постапка, нему му припаѓа тоа право и не може да му го одземе никој. Право е и на пратениците да побараат да продолжи седницата, но тоа не значи дека Џафери ќе ја свика – вели Андов.

Според Петковски, парашањето не е од деловнички, туку од чисто политички причини.

– Не можам да кажам дали претседателот на Собранието згрешил или е во право. Според Уставот и Деловникот, единствено надлежен да го толкува Деловникот е престедателот на Собранието. Тој така смета. Јас да сум на негово место би постапил поинаку, друг претседател – така како што тој го толкува Деловникот. Клучната работа е што прашањата од процедурален карактер се во надлежност на претседателот на Собранието. Јасно е дека тој процедурата ја насочува во функција на остварување на целта, а тоа е да се направи се за да се обезбеди двотретинско мнозинство за да почне постапката за промена на Уставот. Тоа има политичка содржина – вели Петковски.

Тито Петковски, НСДП / Утрински брифинг

И тој смета дека дури и ако 20 пратеници побараат да продолжи седницата, Џафери ќе оцени кога и дали воопшто ќе ја продолжи.

Пратениците единствено што можат е да покренат постапка за негово разрешување, да го сменат. Нема механизам да го натераат со сила да закаже седница и да го доведе Собранието во ситуација да одлучува – вели Петковски.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која вчера се координираше со лидерот Христијан Мицкоски како да дејствува во Собранието откако Џафери ја замрзна седницата за уставни измени, не ја исклучуваат можноста да побараат продолжување на седницата. ВМРО-ДПМНЕ го реафирмира ставот дека уставни измени под бугарски диктат ќе нема и побара Џафери да не ја одолговлекува процедурата и и да ја злоупотребува позицијата за да ја одолговлекува седницата за уставните измени.

И премиерот Димитар Ковачевски вчера повтори дека пленарната седница за уставните измени ќе продолжи тогаш кога ќе се создадат соодветни услови, во однос на бројот на пратениците кои што би поддржале таков процес. Тој оцени дека особено важно е седницата да продолжи и да помине иницијативата за уставни измени, бидејќи следната година е изборна и во ЕУ, и во САД и кај нас.

– Сега е моментот кога се носи ваква одлука со оглед дека идната година и Европската Унија оди на избори и САД и Северна Македонија. После тоа ќе се прават нови тѕела на ЕУ, нова комисија…што ќе го одолговлечи процесот – изјави Ковачевски.

Фото: Фејсбук Ковачевски

Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ треба својата политика да ја конципира кон интеграција на државата во ЕУ, а не кон изолација.

– Денес интересот на Северна Македонија како ретко кога целосно се поклопува со интересите и на САД и на ЕУ, кога после многу години претседателот на Европскиот совет даде конкретна временска одредница за следното проширување на ЕУ, а тоа е 2030 година. Сметам дека опозицијата треба да размисли добро и да го поддржи тој процес на европска интеграција на државата – изјави Ковачевски.

И шефот на државата Стево Пендаровски ги смета за реални најавите дека до 2030 година земјава може да влезе во ЕУ, ако нема опструкции.

– Без внатрешни опструкции какви што гледаме, за жал, од македонската опозиција, можно е членство и пред тој рок. Тоа го потврди и француската министерка за Европа, која рече дека може некои од државите на Западен Балкан да влезат во ЕУ и пред 2030 година – изјави Пендаровски и додаде дека најважниот чекор што треба да го направиме во моментов е промена на Уставот со која Бугарите и други народи би се запишале во Преамбулата.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Паршан дали очекува опозицијата да се премисли, шефот на државата одговори дека секој разумен човек ги знае аргументите за и против.

Ова е сосема јасна дилема, или си за или си против Европа. Имаме седум народи и делови од народи во Уставот, проблем ли е да ставиме уште шест делови од народи во истиот тој Устав? Како тоа ќе ја загрози Македонија? Меѓутоа, ако имаш политички причини чекајќи ги следните избори за да дојдеш на власт, па потоа да му ја мислиш за Европа или за две третини за промена на Уставот, тоа е друга работа. Тоа не е стратешко размислување. Тоа е теснопартиско размислување кое сигурно се судира со стратешките интереси на Македонија – вели Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот