Рускиот „крал на измамите” Александар Жуков осуден на 10 години затвор во Њујорк

фото: илустрација

Судија во Њујорк го осуди рускиот државјанин Александар Жуков на десет години затвор за предизвикување на една од најсофистицираните операции за дигитална измама во историјата на интернетот.

Судијата на Окружниот суд во Бруклин, Ерик Комите, го осуди Жуков за кражба на повеќе од седум милиони долари од рекламни компании во САД.

Кражбата била извршена помеѓу септември 2014 и декември 2016 година преку шема на измама во дигитално рекламирање, соопшти вчера американското обвинителство за источниот округ на Њујорк.

На четириесет и едногодишниот Жуков, кој себеси се нарекуваше „крал на измамите”, му беше наредено да плати повеќе од 3,8 милиони долари казни.

Тој беше екстрадиран во САД откако беше уапсен во Бугарија во ноември 2018 година, а пресудата беше изречена по судењето пред порота во мај 2021 година за измама и перење пари. Жуков се изјасни за невин.

Неговата шема користеше илјадници заразени компјутери ширум светот за лажно прикажување големи посети на лажни веб-страници и измама на огласувачите.

„Седејќи пред својата компјутерска тастатура во Бугарија и Русија, Жуков храбро смисли и спроведе разработена мултимилионска измама против индустријата за дигитално рекламирање, а неговите жртви се илјадници компании ширум САД”, рече окружниот обвинител Бреон Пис.

Според соопштението, Жуков „регрутирал компјутерски програмери и други вработени за да му помогнат да создаде шема и да ја изгради техничката инфраструктура потребна за создавање на лажен сообраќај за реклами”.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот