Русино прво ќе го направиме санитарна депонија, па потоа ќе го затвориме

Новото меѓуопштинско јавно претпријатие, кое ќе го собира сметот од сите девет полошки општини, ќе го транспортира на Русино и таму ќе го депонира според стандарди на санитарна депонија – вели Фатмир Саити, директор на Центарот за развој на полошки плански регион, откако пред неколку дена сите општини во Полог конечно се усогласија да се формира заедничко јавно претпријатие за собирање и депонирање отпад.

Истовремено, вели Саити, интензивно ќе се изработува проект и ќе се дефинира локација за нова регионална депонија, а резултатите ги очекува до Нова година.

Граѓаните на Гостивар и екоактивистите собрани околу иницијативата „Стоп Русино“, кои неколку месеци протестираа и го блокираа влезот на гостиварската депонија и бараа таа итно да биде затворена, сепак прифатија Русино да продолжи да работи уште пет години. Саити вели дека и сам е свесен дека капацитетот на депонијата е при крај и дека нова локација е неопходна.

– До крајот на годинава очекуваме одобрување од советите на сите општини за јавното претпријатие, кое треба да биде финансирано од сите општини-основачи. Баравме пари и од Владата бидејќи идниот оператор со отпад во полошкиот регион тешко ќе функционира ако падне само на наш товар. Сѐ уште чекаме одговор – додава Саити.

За Русино да стане депонија со какви-такви стандарди, прво треба да се легализира, бидејќи во моментов таа за државата не постои како јавен објект, велат во Центарот за развој на полошки плански регион. Откако ќе ги добијат сите потребни документи од повеќе државни институции, врз нивна основа понатаму оваа локација ќе може да се санира за да функционира како легална депонија, додека се изгради новата.

– Новото ЈП ќе треба да се грижи за Русино и по нејзиното затворање, и за тоа има посебни протоколи. Само затворањето на оваа депонија ќе чини од 5 до 10 милиони евра – вели Саити.

За Русино е добиен грант од швајцарската влада од 1,5 милиони швајцарски франци, но најголем дел од тие пари се наменети за консултантската фирма која работела на проектот, додека за санација на исцедокот, кој претставува еден од најголемите еколошки проблеми за селата во близина на депонијата, како и за оградувањето, уредувањето, поставувањето на вага и на административен објект на Русино, се останатите само 500 илјади франци.

Поради трошоците околу целиот зафат, сметките на жителите на деветте полошки општини, чијшто отпад ќе го подига и депонира новото јавно претпријатие, ќе пораснат за околу дваесет проценти, информира Саити.

Тој се надева дека, откако ќе ги добијат сите потребни документи од сите надлежни министерства, до март наредната година на Русино да почне изградбата на објектите за зафаќање на отровниот депониски исцедок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот