Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ: На нероден „Петко“ сите му се израдуваа

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

За волја на вистината текстот на Резолуцијата за јазикот подготвена од ВМРО-ДПМНЕ во сослужение на МАНУ, УКИМ и МПЦ, генерално е доста флексибилен и нема некои тврди позиции што би ја обременило македонската преговарачка позиција со Бугарија. Тоа, опозициската партија ја стави како во ретки прилики во позиција на прифатливост од страна на речиси сите македонски политички парти; и од власта и од опозицијата, вклучувајќи ја и СДСМ. Освен партиите на Албанците.

Но и така се случува „чудо“, од неа сите профитираа, иако уште недонесена. На нероден Петко сите му се израдуваа.

ВМРО-ДПМНЕ успеа да создаде нешто што сметат дека партијата ќе ја претстави како обединителка во заштита на националните интереси на Македонците и тие се несомнено задоволни од стореното.
СДСМ ќарува повеќекратно: се докажа како кооперативна власт која прифаќа предизвици и предлози од опозицијата, ја ревитализира својата оспорувана патриотска позиција, и што им е ним најважно докажува дека ниту досега не преговарале со Бугарите за теми што се под националните црвени линии, за што беше блатена од истата таа ВМРО-ДПМНЕ.

Партиите на Албанците пак видоа можност здружени да се позиционираат со контра став во однос на македонските национални интереси, во одбрана на нивните национални интереси, со одбивање на резолуцијата или со условување за отворање на пандорината кутија за уставни измени во одбрана на албанскиот јазик.

Значи Резолуцијата создаде богата политичка „шведска маса“ од која секој може да си земе што сака и да биде задоволен. Се разбира откако ќе си ги наполнат своите чинии, ќе имаат доволно витамини за да ги обвинат другите за деструктивност и за политичка тесноградост.

ВМРО-ДПМНЕ ќе биде среќна што останала „најмакедонската партија“ доследна на своите патриотски позиции, без разлика што стратешки малку ги оддалечи од себе своите несудени коалициски партнери во ликот на Алијанса за Албанците. Но сепак не се насекира многу, затоа што тоа беше „загуба“ искалкулирана како „добивка“ во нивната математика на „одбрана на македонските национални интереси“. Неа друго и не ја интересира многу.

Коалициски искусната СДСМ пак византиски вешто ги одигра потезите на префрлање на топката на средина теренот за со неа да се занимаваат сите други, однапред знаејќи го исходот од играта. Се разбира ова се случи откако внимателно го простудираа текстот од Резолуцијата (во кој можеби посредно и партиципирала !?) и ги проценија ефектите од прифаќањето.

Ни Албанците одамна не се наивни. Играат со сите. Така велат и од „Алијанса“ инаку лутиот противник на власта, нели.

За партиите на Албанците не е прв пат да се здружат околу нивните црвени линии, колку и да се политички дивергентно позиционирани. За нив е секогаш добро кога македонските партии се обидувале да се сплотат околу националната оска. Колку повеќе „македонштина“ им продаваш, толку повеќе ја купуваат и како и во секоја трговија враќаат соодветна „количина“ во размена.
Само на Бугарите за кого и беше создадена Резолуцијата око не им трепна. Напротив, тие нивната стара ќе ја надоградуваат да биде уште потврда.

Од тоа може да се заклучи дека ние не само што не ги зацврстуваме нашите преговарачки позиции, туку се заплеткуваме во сопствените игри од кои немаме никаква меѓународна корист.

Кој научил знае, кој не – нека учи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот