Реновирана е службата за Итна медицинска помош во Битола

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска го посети Здравствен дом Битола по повод промовирање на реновираната служба за Итна медицинска помош во оваа јавна здравствена установа.

Извршени се повеќе реконструкциски зафати, меѓу кои позначајни се: отворена е амбуланта во склоп на дневна болница во која дежураат матични доктори, отворен е шалтер за прием на документација од пациенти и набавена е нова медицинска опрема – апарати за ЕКГ, столици за транспорт на пациенти по скали и ново санитетско возило. Воедно, набавен е нов стоматолошки стол за ургентна стоматологија и опремена е посебна просторија за едукација на медицински персонал.

Исто така, извршено е комплетно реновирање на ходници во ИМП со ѕидни и подни плочки, поставена е автоматска лизгачка врата, извршена е санација на просториите и тоалетите, набавен е мебел, канцелариска опрема и медицимски мебел и соодветна компјутерска опрема. Воедно, извршено е комплетно санирање на одводната канализација, поставена е нова водоводна мрежа, нова електрична инсталација и поставен е медицински под.

Вкупната сума за реализација на овие активности изнесува шест милиони денари, со средства обезбедени од Здравствен дом Битола.

Инаку, Здравствениот дом Битола во континуитет реализира активности за кадровско зајакнување и за таа цел, во изминатите две години се ангажирани 14 доктори, девет медицински сестри и по еден психолог и фармацевт.

Во тек е процедура за вработување уште 10 доктори и се реализира постапка на транформација на работниот однос на 11 лица, ангажирани со договор на дело на неопределено, а во меѓувреме се распишани и пет специјализации.

Сето ова ќе придонесе за унапредување на условите за поквалитетна здравствена заштита за пациентите од Битола и околните места, но и за работа во здравствениот дом, се наведува во соопштението на ресорното Министерство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот