Регионално признание: Владиниот кол-центар награден од СИГМА/ОЕЦД за јавна администрација во Западен Балкан

Владиниот кол центар што беше воспоставен за време на техничката Влада во Северна Македонија од Кабинетот на тогашната вицепремиерка за економски прашања, Мила Царовска освои награда за јавна администрација во Западен Балкан.

Натпреварот го организираа  СИГМА/ОЕЦД и Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА), со цел да се даде признание на институциите од Западен Балкан за важноста, за брзината и за инвентивниот одговор во време на глобална пандемија во категориите: Дигитална влада, е-Здравје, е-Економија, е-Учење и Социјална иновација. Северна Македонија, Србија и Албанија се наградени во категоријата Дигитална влада.

Сегашната министерка за образование и наука и поранешна вицепремиерка за економски прашања Царовска во обраќањето на денешната церемонија по повод доделувањето на наградите истакна дека Кол центарот беше воспоставен во исклучителни околности кога државата, освен што се соочуваше со пандемијата, имаше и техничка Влада.

– Граѓаните и компаниите во услови кога секојдневно се носеа нови мерки и уредби имаа потреба од точно и брзо добивање на информации за сите промени и за поддршката што ја нуди државата. Ефикасен одговор на овие барања беше воспоставување на Кол центар со агенти од јавната администрација. Огромна благодарност за бизнис секторот и стопанските комори со чија поддршка го воспоставивме овој центар. Ова е доказ дека синергијата и дијалогот меѓу државните институции мора да продолжи во интерес на сите граѓани, рече Царовска.

Во функционирањето на контакт центарот беше почитувана препораката за работа од дома. Во работата на кол-центарот беа ангажирани 70 отсто од вработените во Кабинетот на вицепремиерката за економски прашања. Исто така, во одговарањето на повиците се вклучија и вработени од седум други институции.

Од почетокот на работењето, од 6 април до 22 јули, беа реализирани вкупни 10,695 повици. Тој беше навремена поддршка на граѓаните и на компаниите за искористување на придобивките на трите пакети економски мерки на Владата. Кол-центарот овозможи поедноставно да се реализираат инвестиции во вредност од околу 550 милиони евра или 5,5 отсто од БДП и тоа е неговата неспорна вредност.

Иницијативата за воспоставување на владин кол-центар потекна од Стопанската Комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), а беше донација од компанијата Asseco.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот