Рецепт на Стефанија Несторовска: Зимска, топла салата со прелив од калинка

Фото: Стефанија Несторовска

Благодарение на вештите раце и инвентивноста на Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш имаме можност да пробаме нешто интересно и несекојдневно. Денеска ни донесува рецепт за еден супер вкусен оброк – зимска, топла салата со прелив од калинка.

Состојки:

  • 2 слатки компири
  • 2 цвекла
  • рукола/бејби спанаќ или друг лиснат зеленчук
  • масло за готвење
  • зачини по желба (јас користев сол и бибер)
  • зрнца од половина калинка
  • еден грст сончоглед, сиров

За наут:

  • 1 конзерва наут
  • 2 лажици масло за готвење
  • 1 лажичка сол
  • 1/2 лажичка црвена пиперка
  • малку црн бибер
  • 1 лажичка кимион

За дресинг (прелив):

  • сок од половина калинка
  • сок од 1 лимон
  • 5 лажици маслиново масло
  • сол и бибер
Фото: Стефанија Несторовска

Подготовка:

Се загрева рерната на 200 степени. Слаткиот компир и цвеклото убаво се премиваат и потоа се лупат. Се сечкаат на мали, еднакви коцки.

На голема тава за печење, обложена со хартија за печење, се додаваат сечканото цвекло и слаткиот компир. Се додава масло за готвење и зачини. Се масираат со рака за еднакво да бидат прелиени сите парчиња. Распоредете ги на тавата, така да не се преклопуваат едно со друго и побрзо и покрцкаво да се испечат.

Се печат 15 минути.

Во меѓувреме, наутот од конзерва се премива со ладна вода, се цеди и се пребришува во чиста крпа, за да впие колку може повеќе вода. Се додава во мал сад. Се додаваат и зачините и маслото, па се промешува.

Се додава наутот во тавата со зеленчукот. Се враќа на печење заедно со зеленчуците уште дополнителни 20 минути. Ако забележите дека зеленчукот брзо се пече во рерна, намалете ја температурата.

За дресингот, додадете ги сите состојки во мала тегличка и убаво промешајте.

Јас го потпеков сончогледот на суво тавче, на ниска температура, сѐ додека не доби златникава боја. Ова е екстра чекор, но дефинитивно препорачан, затоа што дава многу убав шмек.

Време е за сервирање на салатата.

Во голем, длабок сад се додава лиснатиот зеленчук, потоа печениот зеленчук и наутот, потоа зрнцата од калинка и печениот сончоглед, и на крај, се додава од дресингот. Убаво промешајте и уживајте!

** Доколку не ја јадете веднаш салатата, ви препорачувам сите состојки да ги чувате одделно, спакувани во стаклен сад, па пред консумирање да ги составите. .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот