Разговор со режисерот Кокан Младеновиќ: Театарот е моќен коректив на светот

Претставата „Франкенштајн“ се обидува одново да ги научи децата на емпатија

По мотиви од романот „Франкенштајн“ на Мери Шели во Театарот за деца и младинци во Скопје се подготвува истоимената претстава во режија на Кокан Младеновиќ, а чија премиера е најавена за 6 јули оваа година.

Театарскиот режисер Кокан Младеновиќ (Ниш, 1970) во своето портфолио има повеќе од 40 награди за некоја од своите над 90 претстави што ги поставил во театри во Србија, Словенија, Унгарија, Црна Гора, Хрватска, Романија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија.

Овие денови тој престојува во Скопје и ја подготвува претставата „Франкенштајн“ во Театарот за деца и младинци. Во креативниот процес на подготовка на претставата се вклучени актерите Ангела Димитрова, Матеа Јанковска, Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Никола Наковски, Наташа Петровиќ и Симона Спировска.

На сценографијата работи Кирил Василев, костимите ги подготвува Александра Пециќ Младеновиќ, композитор е Лука Кантарџиев, текстот за музиката го напиша Никола Ристески, кореограф е Олга Панго, додека дизајнот на плакатот и брошурата ги подготвува Соња Ставрова Кирковски. Премиерата на претставата ќе се одржи на 6 јули во Театарот за деца и младинци.

Со каква цел и со која мотивација решивте да ја поставите претставата „Франкенштајн“?

– Романот „Франкенштајн“ на Мери Шели, напишан пред два века, е идеална основа за приказна за денешното време, време во кое сме научени да презираме сè што е друго и различно – луѓето со физички хендикеп, оние што сакаат поинаку, оние кои се од други религии, нации, сите оние кои од која било причина се разликуваат од мнозинското мислење и традиција.

Каков предизвик е да се работи на сцената на Театарот за деца и младинци, каде публиката е од помладата генерација?

– Сметам дека театарот е моќен коректив на светот во кој живееме и дека има важна едукативна линија во формирањето на вкусот на младата публика, како и во формирањето на нивните ставови и убедувања. Верувам дека нашата креативна средба со прекрасниот ансамбл на Театарот за деца и младинци ќе роди претстава која на младата публика ќе ѝ понуди предупредувачка слика за светот во кој живееме.

Каква порака претставата ќе им пренесе на помладите генерации?

– По сè што се случи, по сите катастрофи, несреќи, масовни убиства, мораме повторно да ги запознаеме сопствените деца и да навлеземе во нивните вистински проблеми. Исто така, треба добро да размислиме за светот што им го оставаме, за неговите изопачени вредности во кои нашите деца треба да растат и да се формираат. Затоа, нашата претстава се обидува одново да ги научи децата на емпатија, се обидува да стави знак прашалник пред сите оние негативни класификации што ги научија од традицијата, училиштето и од општеството. Децата би морале да си веруваат себеси и на своето чувство за добро, бидејќи она што им го сервираме како добро и пожелно е сомнително од многу страни.

Ваши претстави гостувале во Македонија, работевте со театри во Македонија. Како се појави можноста за соработка со Театарот за деца и младинци во Скопје?

– Театарот за деца и младинци во последно време имаше значајни настани кои беа забележани во регионот и го свртеа вниманието кон овој одличен театар. Амбициозната менаџерка Катарина Илиевска Силјановска вложи многу труд да се случи нашата соработка и јас сум ѝ благодарен што ме запозна со ансамблот кој ми понуди многу енергија, талент и креативна радост.

Со која актерска екипа ја поставувате претставата „Франкенштајн“ и кој работеше на драматургијата на текстот на Мери Шели?

– Текстот според кој ја поставуваме претставата го потпишуваме јас, драматурзите Димитрије Коканов и Драгана Лукан Николоски и целиот ансамбл на претставата (Никола Наковски, Матеа Јанковска, Ангела Димитрова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски, Ненад Митевски). Методот на мојата работа вклучува заедничко истражување на сите моќни јазли на заплетот и ликовите, а крајниот резултат е секогаш колективен чин во кој секој од нас има вреден креативен удел.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 185, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот