Разговор со писателката Фросина Пармаковска: Моите романи секогаш се раѓаат од главните ликови

Потребата за пишување ја чувствував уште како дете / Фотографија: Златко Пармаковски

Писателката Фросина Пармаковска низ разговор со новинарот Васко Попетрески го претстави своето најново дело „Сѐ уште можам нешто да сторам“, роман што го објави издавачката куќа „Или-или“.

Писателката Фросина Пармаковска (1985, Скопје) е авторка на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“ (Роман на годината за 2017 година) и „На враќање“, а нејзиното најново прозно дело „Сѐ уште можам нешто да сторам“ беше промовирано на 8 февруари во КИЦ-Скопје.

Пред десетина дена се одржа промоцијата на твојот петти роман „Сѐ уште можам нешто да сторам“. Како се случи промотор на книгата да биде новинар, иако вообичаено книжевни критичари се појавуваат во таква улога?

– Тоа беше една интересна приказна што потекна од идејата да направиме нешто различно, да излеземе од традиционалниот формат што го спомнувате. Месецот кога размислувавме што би можеле да направиме, каков лик, каков профил да воведеме во промоцијата, јас сосем случајно го запознав мојот омилен новинар и водител Васко Попетрески. Веднаш, уште истата вечер дојдовме со Ненад Стевовиќ од „Или-или“ до идејата токму Васко да биде промотор, односно да го води разговорот околу романот. Лично бев многу среќна кога тој прифати да се впушти во овој предизвик што, ете, резултираше (барем за мене) во едно поинакво, нетипично и многу возбудливо искуство.

Промоција на романот – Фросина Пармаковска и Васко Попетрески / Фотографија: Златко Пармаковски

Како се појави или како ја откри приказната за романот?

– Моите романи, како што имам споменато повеќепати, секогаш се раѓаат од главните ликови. Овде, на почеток беше Иван, кој беше фантазер; сонувач; лик што е неизмерно вљубен во својата сопруга; лик што пуши скришно цигара за цигара; голем другар што може да влегува во соништата и да спасува; внук на магионичар од кој научил дека животот треба добро да се потроши; кој има непознат брат… Сите овие негови атрибути се дополнуваат, онака како што се исцртува и надополнува приказната, па тој станува лик што се разочарува гледајќи како свенува радоста на неговата сакана; лик што исчезнува и што се обидува „нешто да стори“ за да го потврди своето постоење; вљубен кој е принуден да гледа како друг ја буди насмевката на неговата љубена итн. Сумирано, јас го открив Иван (или тој мене?), а светот што пред нас се појави, односно неговото запознавање, соочувањето со него, пребивањето во него беше наша заедничка работа.

Зошто на самиот роман со поднасловот е нагласено дека станува збор за „роман за исчезнувањето“?

– Мотивот на исчезнувањето е мошне значаен од повеќе аспекти, но најмногу како психолошка и емоционална состојба на главниот лик во која ќе се најде не по сопствена волја. Овој мотив се појавува сосем суптилно и тивко уште во првиот дел од книгата, но во вториот дел неговото присуство се интензивира до степен на „неопислив ужас“, степен во кој главниот лик ја губи моќта на каков било начин да му се спротивстави, да се ослободи од ова чувство кое боли, станува неподносливо. Успева наврапито да го заземе целиот негов простор, неговиот дом, живот, неговото тело и ум… Останува само сонот и гробот на Марко, каде што тој го чувствува своето постоење, својот глас, своето време… Кога и тоа му е одземено, неговиот цел свет, односно тоа што останало од него, се руши како во елементарна непогода. Со разорна сила и брзина.

„Сѐ уште можам нешто да сторам“ е роман за исчезнувањето

Што беше пресудно во романот да внесеш елементи на магичниот реализам?

– Магичните елементи се појавија сосем природно, без никакви претходни планирања и тенденции, самиот лик отвори една широка врата која го овозможи влезот на чудесното. Па, така, тие елементи, како што се поместувањето на границите меѓу сонот и јавето, разговорите со мртовци, рефлексијата на мислата врз настаните, си легнаа на реалистичното ткиво од текстот без никаква агресија, без никакви усилби и упади, туку токму како што и самиот магичен реализам претполага: на начин што подразбира коегзистирање (на магичното и реалното), прилагодување, не пречејќи си во своето постоење, туку надополнувајќи се и збогатувајќи се меѓусебно, магичното позајмувајќи му од својата природа на реалистичното и обратно. Чудата се случуваат во реалноста која што е временски и просторно дефинирана, а вербата во нив, детската наивност со која се восприема светот е основен услов за еден текст да се чита како магично-реалистичен.

Како тече процесот на создавање на една книга кај тебе?

– На почеток е идејата. Многу размислување, адаптирање на животот и на реалноста кон животот и реалноста „отаде“. Кога почнува процесот на пишување, тоа, во буквална смисла, значи пребивање во светот кој го создавате сосе сѐ што го подразбира тоа: мора во секој миг да знаете и да се прашувате што мисли Вашиот лик? Што чувствува? Како ќе реагира на тој настан? А како на другите ликови и на други настани?… Накусо, се вселувате определен период (кај мене обично тоа е период од година – година и пол) во таа реалност и поминувате едно навистина скапоцено време таму, со сите нив, како глас, како посматрач, соучесник, создател, записничар на светот кој во одреден момент станува убав и значаен исто толку (или повеќе?) од оној актуелниот, Ваш, стварносен свет во кој живеете.

Имајќи предвид дека станува збор за твојот петти роман, кога и како ја почувствува потребата да пишуваш романи?

– Потребата за пишување ја чувствував уште како дете. Но по студиите, откако почнав да пишувам раскази, брзо сфатив дека тој простор ми е претесен за да се изразам, па така го напишав првиот краток роман. Но и тогаш не се чувствував сосем удобно, туку како сѐ уште да ми недостига простор, страници кои ќе ги соберат моите мисли и зборови. Така некако, повторно природно, се најдов во романот, во неговата традиционална форма и конечно го почувствував, го пронајдов она кое претходно, растејќи и развивајќи се, го барав: широчината, длабочината, можноста да се испише цел еден свет како комплекс од ликови, приказни, состојби и сите помали и поголеми честички што го населуваат, што во него функционираат создавајќи стотици, илјадници волшебни врски меѓу себе, меѓу нив и нивниот создавач и, најважно, врски со надворешиот свет и сите читатели кои низ него ќе минат.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 218, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот