Разговор со мултимедијалната уметница Елизабета Костадиновска Линднер: Постојано движење во системот на сетилности

Фотографија: Зденко Петровски

Покрај промоцијата на книгата „Систем на сетилности“, Елизабета Костадиновска Линднер, која речиси 20 години живее и работи во Берлин, деновиве на три локации во Скопје ги претстави активностите на „СловоКулт“.

Мултимедијален, интердисциплинарен, експериментален и повеќејазичен карактер има онлајн-списанието „СловоКулт“. Негов основач и уредник е Елизабета Костадиновска Линднер, која е двојазична авторка (пишува на македонски и на германски јазик), повеќејазична поетеса, интердисциплинарна уметница, мултимедијален изведувач на поетски и експериментални перформанси, но и преведувач, куратор, уметнички директор и издавач. Живее и работи во Берлин.

Деновиве беше промовирана твојата книга „Систем на сетилности“ во издание на „Антолог“. За какви „сетилности“ станува збор и во кој „систем“?

– Станува збор за збирка раскази со различен сензибилитет, тематика и стил, и време во кое биле напишани, од 1995 година па наваму, а и јазикот на оригиналите е различен: постарите се на македонски, поновите се на германски во македонски превод, а некои се менувани при превод и добиле нова конечна верзија на другиот јазик. Оваа разноликост ме доведе до насловот, кој интуитивно беше соодветен, но му недостасуваше поконкретно објаснување, па затоа последниот расказ го напишав на македонски јазик непосредно пред објавувањето на книгата, како обид да се најде објаснување за сетилностите и нивниот систем.

„Систем“ е израз што се користи научно и во многу области, но секако и политички, а и човечкиот организам е еден совршен систем – кој го поврзав со нешто многу „човечко“ – чувствителноста внатре: душевна и духовна, и надвор: со сетилата, кои сите заедно се дел од еден систем, кој е индивидуален за секој поединец, но кој функционира на ист принцип. Во овој систем мислите и сеќавањата имаат многу важна улога, бидејќи се резултат од овие сетилности и посредуваат при поимањето на нештата и на самите себе, а истовремено и сами поттикнуваат сетилности – значи имаме едно постојано движење во системот на сетилности, кој го сочинува и самиот живот на човекот.

Познато е дека речиси две децении живееш и работиш во Берлин. Какво уметничко јадро таму создаде околу себе?

– Речиси 23 години сум во Германија, од кои 17 во Берлин. Бидејќи е многу тешко да се најде финансиска стабилност во уметноста и културата – откако магистрирав на германска книжевност, мојот пат започна со она што беше најдостапно и најценето, со книжевен превод. Паралелно со тоа завршив курс за културен менаџмент и волонтерски во позадина од 2008 година го основав и градев „СловоКулт“, кој доживеа неколку промени: од портал за македонска книжевност на германски (slovokult.de), преку двојазично онлајн списание за поезија и уметност (slovokult.eu, slovokult-literatur.de), па сè до интердисциплинарен фестивал („СловоКулт :: литерАРТура“) со поднаслов „текст/визија/звук“. Овој концепт е поврзан и со мојата интердисциплинарна и мултимедијална уметност, која паралелно со другите активности (превод, селекција на автори и дела, платени ангажмани надвор од културата) ја развивав и презентирав заедно со колеги во Берлин. Така запознав прекрасни уметници со кои соработувам – а истото се случи и во Скопје, каде, за жал, само кратко престојувам.

Јадрото денес е еден вид македонски, германски – и европски авангарден кружок, кој интердисциплинарно и мултимедијално презентира современа и експериментална книжевна, ликовна и звуковна уметност – во фокус има двојазична или тријазична полифонија од преведени текстови – поезија и куса проза, кои се разбирливи за публиката, но сепак создаваат еден поинаков „трип“, различен од вообичаено читање поезија. Текстовите можат да се прочитаат, тие се објавуваат во наши специјални публикации или на онлајн-списанијата, каде се презентираат уметниците и нивните дела.

Фотографија: Петер Цах

Со каква цел ја основаше едицијата „СловоКулт :: Словотека“?

– Заедничкото фестивалско презентирање не дозволува да се посветиме повеќе на еден автор и еден уметник, затоа оваа едиција нуди специјално направен избор песни од еден автор и избор уметнички дела од еден уметник, вклучувајќи оригинален јазик, досега германски, со македонски и по можност англиски превод. Презентацијата на книгата нуди подлабоко запознавање на делата: со изложба и мултимедијален поетски перформанс, каде што имаме и музичка поддршка. Овој концепт нуди можност на презентација во најмалку две земји, а со англискиот и низ цела Европа. Изданијата се во соработка со „Арт Еквилибриум“, а предвидуваат и македонски автори со германски преводи, но многу е тешко да се најде поддршка за овој потфат – сепак, вреди да се обидувам и понатаму, бидејќи оваа интернационална презентација е од големо значење: преку помали настани ја поврзува и запознава независната сцена на најмалку два града – Скопје и Берлин, но секако и други (Гевгелија, Виена, Рига…).

Активностите на „СловоКулт“ во Скопје беа презентирани во кафе-книжарницата „Буква“, во КИЦ и во МКЦ на „Здраво млади“ / Фотографија: Зденко Петровски

Повеќе активности на „СловоКулт :: Берлин“ со неколку мултимедијални настани беа презентирани и во Скопје. На кој начин беше направена селекцијата на презентираните уметнички дела и артисти?

– Имавме среќа да се претставиме во три од „најжешките“ локации во градот: кафе-книжарницата „Буква“, во КИЦ и во МКЦ на фестивалот „Здраво млади“, а учесниците беа неизвесни до неодамна, бидејќи немавме доволно средства за патните трошоци за гостување. Селекцијата е поврзана со публикациите и изданијата, но пред сè со соработката на „СловоКулт“ со уметници во Берлин и во Скопје, а која се врти околу квалитетот, стилот, различноста, односно оригиналноста на самиот уметнички израз – критериуми што нам ни се многу важни и сакаме да ги одржиме. Можеби тоа беше и причината што за гостувањето на уметниците добивме поддршка од Германската амбасада во Скопје и книжевната мрежа за југоисточна Европа – „Традуки“, а за македонските уметници од КИЦ и од Град Скопје.

Мултимедијалност, интердисциплинарност, повеќејазичност се карактеристики на претставените дела. Во каков амбиент се создадени делата?

– Делата за настаните на „СловоКулт“ се создадени независно едни од други и се спојуваат некогаш намерно, некогаш случајно и импровизирано, а амбиентот практично тогаш и го создаваат, и тој е уникатен. Моите дела имаат своја композиција, потекнуваат најчесто од аналогни колажи што содржат и експериментален текст, а потоа заедно во видео од делото и презентација на текстот во повеќејазична полифонија се поврзуваат со музика во еден мултимедијален перформанс.

Враќањето овде е секојпат интензивно, посебно емотивно и сакам да бидам во интеракција со градот и со луѓето / Фотографија: Силвија Лоренц

Што лично ти значи возвратната комуникација на оската Берлин – Скопје?

– Многу ми значи, бидејќи во Берлин сум одамна дома, без Скопје да го изгуби истиот тој статус на дома, а оваа „распнатост“ меѓу две „доми“ е, ми се чини, една од најкомплицираните состојби кај човекот. Уметноста и двојазичноста ми помагаат оваа „двоина“ да биде нешто посебно. Враќањето овде е секојпат интензивно, посебно емотивно и сакам да бидам во интеракција со градот и со луѓето – а можноста да учествувам со уметници и пријатели од Берлин на настани во Скопје и обратно, ми носи една неискажлива и неизмерна радост – која ја мотивира и поттикнува борбата да се остварат проектите.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 198, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.09-01.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот