Разговор со композиторот и гитарист Георги Шарески: Верувам дека вака звучи мојата душа

Интимен, искрен и посебен концерт, исполнет со шареноликост и разиграност, надеж и радост, уникатна и жанровски неограничена музика, во изведба на некои од најдобрите музичари кај нас, најавува композиторот и гитарист Георги Шарески.

Концертна промоција на новиот албум „Биг лов“ (Big Love) на Георги Шарески ќе се одржи на 5 ноември во камерната сала на Филхармонија. Музиката за албумот Шарески ја сними заедно со Марко Јовановиќ, а на концертот ќе настапат и неговите стари другари Џијан Емин и Оливер Јосифовски. Концертот е поддржан од Министерството за култура.

Многу пријатна и необична музика има на твојот нов албум „Биг лов“, што концертно ќе го промовираш на 5 ноември во камерната сала на Филхармонија. Од каде се појави идејата за спој на гитара со усна хармоника?

– Дуо е многу осетлива и интимна работа, во која за мене е поважен карактерот и музичките способности на човекот со кој работам, а помалку важен инструментот на кој свири. Марко е интелектуалец, голем професионалец и еден од најинтуитивните музичари што ги познавам, а неговиот пристап кон моите композиции е навистина уникатен. Тоа што свири усна хармоника – инструмент за каков немам пишувано музика, е само уште една причина за да се одлучам на оваа соработка. Научив многу нови фасцинантни работи за неговиот инструмент и за неверојатните можности што ги нуди во вистинските раце.

Усната хармоника, мислам, е потценет инструмент, но тоа е само поради тоа што најчесто ја слушаме во одреден музички жанр, како, на пример, блуз или кантри музика. Многу мал број луѓе во светот можат да прават работи на усната хармоника какви што прави Марко. На мојот албум, а и на концертот што претстои, овој инструмент блеска во целиот свој сјај, ќе заборавите дека станува збор за толку мал инструмент, а Марко е вистински мајстор кој го прави овој мал и едноставен инструмент да звучи толку многу голем и богат.

Георги Шарески и Марко Јовановиќ

Колку време работеше на албумот и како се најде во друштво со Марко Јовановиќ?

– Со Марко се запознавме за време на мојот престој во Берлин и инстантно се поврзавме. Од почетокот на идејата до целосна продукција на албумот помина повеќе од една година. Неколку месеци соработувавме на далечина, работевме на аранжманите, изборот на композиции, разменувавме идеи, учевме и вежбавме, а потоа, кон крајот на мај оваа година, Марко дојде во Скопје и целиот материјал го снимивме во еден здив, за само неколку часови. Атмосферата на снимањето беше толку опуштена што буквално не забележавме дека ги снимивме сите композиции, и се договоривме да продолжиме следниот ден. Тогаш ни стана јасно дека не само што материјалот е веќе снимен, туку и дека имаме нешто навистина посебно. Таа опуштеност, медитативна и спиритуална атмосфера беше целосно доловена преку микрофоните, а резултатот е за мене мојот најзрел проект досега, моите композиции во најинтимно и најнежно светло, жанровски неограничена, необична, а конкретна музика. Верувам дека вака звучи мојата душа.

Албумот го миксаше и го мастерираше Ивица Јанкуловски, а ќе го објави Емил Хаџи-Панзов за „Филтер лабел“ на повеќето дигитални музички платформи во февруари 2023, а ќе бидат објавени и три сингла од албумот во ноември, декември и јануари. Автор на дизајнот на омотот е нашиот реномиран уметник Ѓорѓе Јовановиќ, кој најдобро ја преведе мојата музика во слика.

Дизајнот на омотот на албумот е на Ѓорѓе Јовановиќ

На концертот ќе ви се придружат и твоите стари пријатели Џијан Емин и Оливер Јосифовски. Зошто концертот е насловен „Дуети“?

– Иако сме четворица музичари, нема да настапуваме сите заедно. „Дуети“ се композиции напишани за двајца музичари, а на концертот ќе изведуваме токму такви композиции. Самиот концерт ќе се одвива во два дела. Едниот дел ќе биде дуо со мене и Марко Јовановиќ, дуети за гитара и усна хармоника, а другиот дел дуо на Џијан Емин и Оливер Јосифовски, односно дуети за клавијатури и контрабас.

Како што рековте, Џијан и Оливер се моите најдолгогодишни соработници и навистина добри пријатели. Со Оливер првпат снимавме џез стандарди во далечната 2002 година во студиото на Ален Хаџи-Стефанов од Џез ФМ. Со Џијан соработуваме од 2004, тој свири на повеќето мои албуми, а заедно ја водевме и групата „Скопје конекшн“, со која имаме два интернационални албуми со познатиот италијански трубач Лука Аквино и холандскиот челист Ернст Реијсегер. Со Оливер и Џијан имаме работено безброј проекти, меѓу кои и театарска музика, а со мојот квартет имаме настапувано заедно низ голем дел од Европа, веќе скоро две децении. Ако некој ја познава мојата музика добро, тоа се овие двајца навистина исклучителни и интернационално реномирани музичари. Поради тоа, тие ќе отсвират неколку мои композиции во слободна форма и во изведба каква што ни самиот јас ја немам слушнато.

Процесот на компонирање и оркестрирање е, можеби, место каде што сум најмногу свој / Фотографија: Маја Аргакијева

Со десетина албуми зад себе и настапи во различни формации (трио, квартет, квинтет) каде и кога се чувствуваш најмногу свој?

– Процесот на компонирање и оркестрирање е, можеби, место каде што сум најмногу свој. Тоа е различен процес од настапи и концерти, поради тоа што тогаш сум сам, а кога сум сам, сѐ зависи од мене, и ми е многу полесно да немам сомнежи. Во однос на настапи, исто така ми е најубаво кога не постои сомнеж, и поради тоа, во последните неколку години многу внимавам на тоа со кого соработувам. Најмногу сакам да работам со музичари со кои имаме сличен сензибилитет и силна жед за нова и уникатна креација.

Колку студиите на Беркли ти овозможија на најдобар начин да го канализираш тоа што го носиш во себе?

– На Беркли ја имав таа среќа да имам неколку исклучителни професори, кои ја ценеа и ја негуваа автентичноста кај студентите, а тоа беше клучно во мојот развој како музичар. Да немав такви професори, можеби, досега веќе немаше да имам интерес во музиката.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 152, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот