Ранѓеловиќ: Ново вето ќе донесе политички турбуленции

Иво Ранѓеловиќ

Јунскиот самит на ЕУ наближува и сè поизвесно е дека бугарското вето за преговарачката рамка за Македонија ќе остане и покрај сите јавни апели и тајни притисоци од европските државници и дипломати, особено по последната средбa на премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков во Рим, по која Ковачевски изјави дека уште нема заеднички прифатлив документ со кој ќе се надмине спорот, како и дека не се обврзуваат со конкретни рокови, туку за конструктивна работа. Аналитичарите одамна предупредуваат, исто како и државниот врв, дека ново бугарско вето во јуни дополнително ќе го засили евроскептицизмот кој е во подем, не само во Македонија, туку и во целиот регион Западен Балкан.

Според политикологот Иво Ранѓеловиќ ветото ќе донесе политички турбуленции.

– Евроскептицизмот кај граѓаните дополнително ќе порасне, како резултат на гнев кон неевропската и нецивилизациска политика на самата Европска Унија. Перпетуирањето на ветото може да предизвика турбуленции во политичкиот живот и процеси кај нас, бидејќи де факто ЕУ целосно ќе го изгуби кредибилитетот и својата ЕУ приказна тука во Македонија, но и во поширокиот регион на Западниот Балкан. Легитимно би било владата, како и целокупниот политички ешалон, да престанат да го приоритизираат членството во ЕУ и да се посветат на суштинските проблеми во Македонија – порачува Ранѓеловиќ.

Пред средбата со Ковачевски во Рим Петков порача дека за укинување на ветото може да се говори откако Министерството за надворешни работи ќе ги претстави последните резултати од напредокот во дијалогот со Северна Македонија, потоа тие резултатите да бидат доставени до парламентот, кој ќе расправа и ќе донесе јасен став за тоа што треба да направи бугарската влада.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека ќе продолжат разговорите помеѓу двете министерства за надворешни работи, со цел да се најде заемно прифатливо решение. Тој порача дека е потребно во овие историски времиња итно да се отворат преговорите за членство со ЕУ затоа што закочените интеграциски процеси за Македонија се извор на системска ранливост, чии ефекти негативно се прелеваат врз целиот регион. Според Османи, и ако ништо не се случи сега, земјата ќе остане посветена на европските реформи, но ќе страда самиот политички моментум.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот