„Радиоактивна“ паника од Фукушима ги остави Корејците без зрно сол

Демонстрации во Сеул против загадувањето на океанот - Фотографија Profimedia

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија објаснува дека полесно може да се пречисти радиоактивната вода отколку сомнежите и грижите на граѓаните

Јужна Кореја, Кина и пацифичките островски земји гласно протестираат на одлуката на Јапонија да испушти во океанот 1,3 милион тони радиоактивна вода од резервоарите на нуклеарната централа „Фукушима Даичи“, а многумина граѓани во овие земји веќе подготвуваат „атомски засолништа“ и панично купуваат јод.

Во продавниците во Сеул повеќе не може да се најде сол, бидејќи жители купуваат и по десетици вреќи за да се заштитат од очекуваната радиоактивна контаминација на океанот.

Јапонските власти и енергетскиот оператор „ТЕПКО“ одамна предупредуваа дека огромното количество радиоактивна вода претставува многу поголем ризик додека се во уништените реактори во „Фукушима Даичи“ отколку ако биде испуштена во океанот. Резервоарите веќе се преполни и водата може неконтролирано да се излее, предизвикувајќи многу поголема штета, и во префектурата Фукушима и во океанот.

Директорот на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија на Обединетите нации, Рафаел Гроси, завчера пристигна во Јапонија и официјално го одобри планот на властите за постепено исфрлање на опасната вода во океанот, потврдувајќи дека операцијата нема да предизвика штета врз околината. Гроси вчера се сретна со жители од префектурата за да им ја објасни полезноста од контролираното испуштање пречистена вода, наспроти ризикот од прелевање на резервоарот.

Протестите против операцијата се засилија откако организацијата Гринпис објави дека „контаминацијата ќе предизвика генетски мутации кај луѓето и животните“. Пекинг ја предупреди Јапонија „да не го користи океанот како канализација“. Пацифичките островски земји и јапонските риболовци, пак, се жалат дека испуштањето на радиоактивната вода во океанот, дури и да е навистина безбедно, ќе им го уништи бизнисот, бидејќи никој повеќе нема да купува риба од пацифичките ловишта, без оглед што јапонските власти редовно го мерат нивото на контаминација на рибите и морски плодови уловени во областа Фукушима и тврдат дека тие се безбедни за консумирање.

Шефот на МААЕ објаснува дека полесно може да се пречисти радиоактивната вода отколку сомнежите и грижите на граѓаните.

– МААЕ ќе биде со граѓаните во децениите пред нас, додека не биде безбедно испуштена и последната капка вода од резервоарите – изјави Гроси.

Фукушима е „црна точка на планетата“ откако катастрофалниот земјотрес и цунамито во март 2011 година предизвикаа хаварија на два реактора во нуклеарната централа, на самиот брег на океанот. Реакторите беа бетонирани и повеќе не се извор на радијација, но водата за ладење се собира во резервоарите и веќе претставува поголема опасност.

Инженерот Каѕуо Јаманака го објаснува системот за прочистување на водата – Фотографија Profimedia

Резервоарите под реакторите собираат 1,3 милион тони вода, колку што има во 500 олимписки базени. Тие сѐ уште се полнат поради разладувањето на реакторите, а вода е навлезена и во подземните простории на централата. За да може да се исфрли безбедно во океанот, водата се прочистува со технологијата АЛПС, за да се филтрираат опасните елементи. Чистењето е циклично, при што водата неколку пати поминува низ системите.

Радиоактивниот елемент што останува по пречистувањето е тритиум, изотоп на водородот што со никаква технологија не може да се отстрани од водата. Водата што ќе се испушта е прочистена до концентрација на тритиум од 1.500 бекелери на литар што е пониска од онаа што се смета за гранична на водата за пиење – 10.000 бекерели на литар. Радиоактивна е и водата на Пацификот, а количеството што ќе биде испуштено буквално е „капка во океанот“. Тритиумот, со период на полураспаѓање од 12,3 години, природно се создава во атмосферата во концентрација од 50 до 70 петабекерели годишно, односно по околу 150 до 200 грама. Тихиот Океан содржи тритиум со вкупна маса од околу 8,4 килограми. Во него од резервоарите на Фукушима ќе бидат излеани уште само 3 грама тритиум. Тоа количество, секако, нема да биде испуштено наеднаш, туку во дози од по 60 милиграми годишно. Затоа експертите укажуваат дека 60 милиграми нема да направат никаква разлика во 8,4 килограми.

Научниците укажуваат дека самата централа била конструирана за да не остава радиоактивни материјали во системот за разладување. Реакторите од „Фукушима Даичи“, кога биле оперативни, создавале најмногу 22 терабекерели тритиум, далеку под нивото што може да се смета за ризично. За споредба, британската нуклеарна централа „Хејшам“ со реактори разладувани со гас, создава 1.300 терабекерели тритиум и е многу поопасна за околината. Централата „Фучинг“ во Кина во 2020 година ослободила 52 терабекерели, а централата „Кори“ во Јужна Кореја 50 терабекерели.

Гласот на експертите, сепак, не допира до граѓаните, кои се преплашени. Анкета покажува дека 85 отсто од Јужнокорејците го осудуваат планот на Јапонија за испуштање на радиоактивната вода.

– Неодамна купив пет килограми сол, никогаш досега не сум купила толку. Како мајка на две деца не можам едноставно да седам и да не правам ништо. Сакам здраво да ги хранам – изјавила за Ројтерс 38-годишната Ли Јонг-мин од Сеул.

Солта содржи јод, што се користи како средство против радиоактивна контаминација. Поради огромниот интерес и масовното празнење на солта од продавниците, цената на килограм во Јужна Кореја се зголемила за 27 отсто во однос на мај. Властите најавија дека ќе ослободат на пазарот сол од државните стратегиски резерви, по 50 тони на ден.

– Дојдов по сол, ама немаше. Немаше ни кога дојдов минатиот пат – вели 73-годишниот Ким Мјунг-ок.

Докторот Венсан Жоржес, советник на француската Комисија за алтернативни енергии и атомска енергија, вели дека јапонскиот оператор „ТЕПКО“ нема избор.

– Во резервоарите повеќе не собира вода. Ако таа се прелее или ако испари, тритиумот и онака ќе дојде до океанот или во воздухот и ќе остане многу повеќе време. Франција со децении исфрла тритиум во море, притоа прецизно мерејќи го влијанието врз човековото здравје и природната околина, и досега не забележала никаков проблем. Концентрацијата на тритиум што ќе биде испуштен од Фукушима е значително пониска – објаснува докторот Жоржес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот