Радев стави вето на спорното купување американски борбени авиони Ф-16

EPA-EFE/ANTHONY ANEX

Бугарскиот претседател Румен Радев стави вето на спорното купување американски борбени авиони Ф-16.

Како причина Радев ја наведе високата цена, недоволната опрема и зголемувањето на буџетскиот дефицит што таа нарачка го повлекува со себе.

– На Бугарија ѝ е потребен повеќефункционален авион со комплетен пакет наоружување, опрема и обука на пилоти – рече Радев, оценувајќи дека тие услови не се исполнети со договорот.

Според договорот со американскиот произведувач, целата сума треба да се исплати пред септември, а авионите да се испорачаат до почетокот на 2024 година.

– Носењето стратешки одлуки во врска со одбраната и националната безбедност бара прифатливи финансиски параметри и широк консензус – рече Радев.

Тој додаде дека забрзаната процедура за ратификација на договорот не дозволила да се расчистат прашањата околу цената, роковите на испорака и отштета во случај на доцнење.

Бугарската Влада на 10 јули донесе одлука за купување осум нови американски воени авиони Ф-16 од компанијата „Локид Мартин“ по цена од 1,25 милијарди американски долари (1,12 милијарди евра).

Заменик министерот за одбрана Атанас Заприанов тогаш изјави дека Владата одлучила да потпише четири договори за набавка на авиони Ф-16 Блок 70 со неопходната опрема.

Бугарскиот парламент во јануари го одобри планoт на Владата да почне преговори со САД за купување нови воени авиони „Ф-16“, со што ќе ги замени руските „миг 29“ и со тоа ќе ги приспособи воздушните сили на НАТО-стандардите.

Планот беше одобрен со 130 гласа „за“ и 84 гласа „против“. Поддржувачите на планот сметаат дека тоа е стратешки избор, а противниците изразија загриженост дека авионите се премногу скапи.

Со усвојувањето на овој план предност им беше дадена на американските авиони во однос на шведските „Грипенс“.

По ова вето, Парламентот мора повторно да се изјасни за договорот. Претседателот не може да се спротивстави доколку договорот вторпат помине во Парламентот.

Радев, поранешен командант на воздухопловните сили беше избран во 2016 година со поддршка на социјалистичката опозиција, не криеше дека повеќе му се допаѓа договорот со „Грипенс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот