Радев не дава рокови, Заев очекува брзо решение

Зоран Заев Румен Радев
Зоран Заев и Румен Радев / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Премиерот Заев очекува новата бугарска влада, со помош на претседателот Радев, да реагира позитивно на одговорите што Македонија ги има испратено на бугарските барања „пет плус еден“, за кои тој верува дека ќе помогнат да бидат надминати недоразбирањата со Софија.

Бугарскиот претседател Румен Радев завчера ја поништи „понудата“ на новиот премиер Кирил Петков за временска рамка од шест месеци во која Бугарија ќе понуди нов пристап за решавање на спорот со Македонија. Пред состанокот на Европскиот совет, тој истакна дека Софија ќе продолжи да ја брани својата позиција, не само историјата, а главен приоритет е почитувањето на човековите права на луѓето со бугарски идентитет.

– Не даваме рокови. Овој процес не е воден од рокови, туку од резултати – рече Радев.

Според него, сите обиди за притисок врз Бугарија се контрапродуктивни.

Премиерот Зоран Заев, пак, е оптимист и очекува брзо решение.

Радев изјави дека е задоволен што европските лидери „конечно разбрале каде е вистинскиот проблем со Северна Македонија“.

– Од мај разговарав со секој европски лидер на тема РС Македонија. Сакам да им се заблагодарам, бидејќи по вторпат темата е надвор од дневен ред. Нашите партнери конечно разбраа каде е вистинскиот проблем. Проблемот длабоко влијае на основата на самата ЕУ, човековите права и недискриминацијата – рече Радев, кој во Брисел учествува на самитот на лидерите од ЕУ.

И бугарската потпретседателка Илијана Јотова не гледа основа и нови факти што би ја промениле нивната позиција. Според неа, најважно е да се изготви патоказ што да се прави отсега натаму на билатерален план.

– Бугарија ќе ја чека одлуката на РС Македонија, бидејќи нејзиниот премиер поднесе оставка и ќе се разгледаат новите предлози од европските партнери – вели Јотова, според која, сепак, нема да се понуди ништо ново.

Премиерот во заминување Заев очекува почетокот на преговорите со ЕУ да бидат првиот успех на новата влада на чело со Димитар Ковачевски. Тој вели дека ќе се формираат работни групи со Бугарија кои ќе работат на спорот, но и дека очекува најдоцна за шест месеци, рок кој го даде и бугарскиот премиер Петков, за Скопје и Софија да постигнат решение. Според него, со дадените одговори на „пет плус еден“ се надминати сите недоразбирања.

– Знаејќи дека на 13-ти се формираше новата бугарска влада, не можете да очекувате на 14 декември Советот за општи работи каде што присуствуваат министрите да донесат одлука. Јас навистина не губам надеж дека новата бугарска влада, со помош на претседателот Радев, ќе ги дадат позитивните реакции. Конечно, имаме дадено наши одговори и верувам дека се надминати сите недоразбирања. Ако остануваат детали, ние сме на располагање како држава, под раководство на идниот премиер да ги допрецизираме и да ги разговараме – рече Заев.

Тој објасни дека на самитот во Брисел, Европскиот совет нема да одлучува за нас, затоа што одлуката за почеток на преговорите е веќе донесена лани во март, а сега е во тек само формализацијата на Советот за општи работи, каде што треба да се усвои преговарачката рамка.

Нетранспарентноста е проблем

Одговорите на Владата на бугарските барања се непознати, освен дека се „удобни за Бугарија“, како што ги опиша неодамна вицепремиерот Артан Груби. Според Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, јавноста треба да знае кој е одговорот на бугарските барања „пет плус еден“.

– Ние сега ќе се занимаваме со надградбата, како што вели бугарскиот премиер Петков, со работните групи со коишто треба да се интензивира соработката, меѓутоа, како е тоа поврзано со суштинската условеност за отпочнување на преговори на Македонија со ЕУ и нивната блокада на преговарачката рамка? Немавме меѓувладина конференција затоа што не беше усвоена преговарачката рамка, значи Бугарија бара измени на преговарачката рамка. Како тоа ќе биде артикулирано, тоа е клучното прашање. И како тоа може да се артикулира низ некакви директни преговори меѓи нас и Бугарија, без да имаме улога во претседателството, односно Советот на ЕУ? Значи, тие прашања како да се тргаат настрана, не се кажува што е со „пет плус еден“, а тоа се всушност интерпретирани некои од барањата токму од рамковната позиција на Бугарија – рече Ристевска Јорданова за „Телма“.

Од бугарската страна, пак, доскорешниот технички министер за надворешни работи критикуваше за тајмингот на дадените одговори од македонска страна за пакетот „пет плус еден“.

– Ако треба да зборуваме на кој начин и како беше врачен одговорот од македонската страна на нашите елементи, кои беа дадени од нас уште во септември, тие не беа дадени до почетокот на декември, до предавањето на нивната интерпретација на пакетот. Тоа се случи во Рига за време на НАТО-средбата. Тоа покажува дека од една страна се прави сѐ што е можно за да бидеме поставени на дополнителен притисок до последните денови пред средбата на Европскиот совет. Во секој случај, тоа прашање не се решаваше во целиот период на преодната влада – изјави Стоев.

На неодамнешното примопредавање на функцијата, Стоев рече и дека непрекинато имало „двојна позиција“ кај македонските политичари. Едни велеле дека добро се одвиваат работите на експертско ниво, дека се разговара и се постигнуваат резултати, а во следниот момент други политичари тврделе дека не преговараат со преодната влада во Софија, затоа што таа нема мандат.

Специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, Владо Бучковски, пак, минатата недела рече дека петте точки се тема на разговори повеќе од една година и дека комуникацијата течела и за време на службената влада во Бугарија на министерско и на експертско ниво. Тој потсети дека при посетата на Софија во јуни, македонската делегација предводена од Заев разговараше со Радев и со службениот премиер Стефан Јанев за петте точки, исто како и во октомври на Самитот во Брдо кај Крањ.

Владимиров: Со Петков има шанси работите да влезат во пријателска фаза

Бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров, кој го следи развојот на спорот меѓу Македонија и Бугарија, вели дека многу политичари од двете страни придонеле за да се најдеме во оваа ситуација.

– Влегуваме во таков ќор-сокак од кој тешко ќе излеземе. Можам да тврдам дека надворешните сили, трети држави учествуваа во овој спор. Секој што би предложил решение преку разумни чекори и во двете земји ќе биде нападнат со фрази како предавник – вели Владимров.

Според него, ретроградните сили во двете држави не сакаат решавање на спорот.

– Со ваквиот предложен пристап од страна на Петков, има големи шанси работите да влезат во пријателска и прагматична фаза, во која би требало да бидат односите меѓу нас. Оптимист сум – вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот