Прв Мастерклас на УНКТАД во Скопје: Политики за поголема вклученост на жените ќе придонесат за економски раст

Потребна е поголема вклученост на жените во носењето клучни политики, решителност да го рашират својот глас, искористување на потенцијалот на технологиите за нивна поголема инклузија и креирање на локални, регионални и глобални мрежи на жени претприемачи, се поентите од првиот Мастерклас „е-Трговија за жени” организиран од УНКТАД (Конференција за трговија и развој на Обединетите нации) во Северна Македонија.

Преку 50 жени претприемачи учествуваа на првиот од серија мастеркласи кој се одржа изминатите два дена во Скопје, а потоа продолжува во Кина, Индонезија, Иран, Мексико, Руанда и Брегот на Слоновата Коска. Нивен домаќин во Скопје беше министерката за финансии Нина Ангеловска, како една од седумте жени амбасадори за е-трговија од целиот свет, избрана од УНКТАД да ја пренесе пораката за улогата на дигиталната трговија во развојот на претприемништвото кај жените како и важноста од нивно вклучување како поттик за економскиот раст.

– Задоволство ми е што мастерклас иницијативата „е-Трговија за жени” започнува токму од Република Северна Македонија. Поради пониското учество на жените на пазарот на труд, регионот губи 20 проценти од растот на бруто домашниот производ, додека земјава 16 проценти, покажуваат податоците на Светска банка. Ако ова го имаме предвид, треба да креираме паметни политики за поголема вклученост на жените, еднакви шанси и можности за сите кои ќе придонесат за поголем економски раст. Сакам да ги охрабрам сите жени да целат високо, да веруваат во себе, да го искористат потенцијалот на технологиите и дигитализацијата и постојано да се надоградуваат. Новиот брз дигитален свет бара интердисциплинарни барања и носи предизвици, но на крајот на денот секој поминат предизвик не прави посилни и поискусни, рече министерката за финансии Ангеловска, која е прва жена министер за финансии.

Ангеловска во овој дел потенцираше дека жените не смеат да се откажуваат пред проблемите, туку да наоѓаат решенија користејќи ја синергијата меѓу технологиите и својот потенцијал, знаење и грижливост.

– Каде и да одиме ќе се соочуваме со проблеми, од тоа не може да избегаме. Само споделувањето на проблемот не е доволно. Умешноста е во идентификување но и предлагање на решение. Затоа дефинирајте го проблемот и дадете ваша идеја за тоа како може да се реши. Само така заедно ќе доаѓаме побрзо до решенија и до добри резултати за сите, посочи министерката за финансии.

Според Канденс Нкот Бисек, проектен менаџер на иницијативата “еТрговија за жени” на УНКТАД, жените претприемачи се соочуваат со бројни бариери како пристап до финансии, вештини и поддршка за раст на бизнисот, што се случува особено во земјите во развој.

– Целта на иницијативата „е-Трговија за жени” е да креира силна мрежа на жени и да ги инспирира жените да ги искористат можностите и да се вклучат во дигиталната економија, истакна Нкот Бисек.

Претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски смета дека поголемата вклученост на жените на пазарот на труд ќе доведе до поголем економски раст. Воедно ќе придонесе и за зголемување на животниот стандард во семејствата.

– УСАИД има многу иницијативи кои ги поддржуваат жените, преку нив им помагаме на жените претприемачи да најдат нови пазари и да го зголемат извозот, рече тој.

Учесниците на Mастеркласот прашаа зошто е неопходно жените да креираат политики.

– Затоа што само тие што на своја кожа ги почувствувале проблемите можат да ги разберат и вистински да придонесат за нивно решавање. Затоа е неопходно да го слушнеме гласот на жените и да ја зголемиме нивната вклученост во носењето политики. За тоа е потребна политичка волја и правила кои ќе се почитуваат, а не да бидат само на хартија, посочи Ангеловска.

Ова, како што соопшти Министерството за финансии, е единствен Мастерклас од серијата „е-Трговија за жени” на УНКТАД кој се одржува во Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот