Протоколите за настава сè уште непознати, дел од соседните земји со јасен план за новата учебна година

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Членовите на Комисијата за заразни болести и Министерството за образование и наука во текот на претходната недела соопштија на кој начин ќе се одвива наставата од почетокот на новата учебна година, меѓутоа, во делот за физичкото присуство на учениците протоколите и натаму не ѝ се познати на јавноста.

И покрај тоа што има уште само седум дена до официјалниот почеток на школската година, сè уште не е познато по кои правила и мерки за заштита од Ковид-19 учениците до трето одделение ќе ја следат наставата од училишните клупи.

На заедничката прес конференција на министерот за здравство Венко Филипче и министерот за Образование и наука Арбер Адеми, беше соопштено дека учебната година започнува онлајн за сите ученици над трето одделение, додека помалите ќе присуствуваат на настава со физичко присуство, освен ако некој од родителите не побара неговото дете да следи настава на далечина.

Кај децата од прво до трето одделение инциденцата е најмала, тие се асимптоматски и со лесна клиничка слика, покажаа нашите истражувања. Но, по барање на родителите овие деца ќе можат да ја следат наставата и онлајн. Во училниците не смее да има повеќе од 20 ученици, наставникот нема да смее да ја напушти училницата, односно ќе биде присутен цело време, а нема да има контакти меѓу една и друга група на ученици – соопшти министерот Филипче.

Кога станува збор за наставата со физичко присуство, од МОН нѝ потврдија дека протоколите се изготвени, меѓутоа не е познато кога официјално ќе им бидат достапни на пошироката јавност.

„Протоколите се изготвени и истите ќе бидат објавени во Службен весник на РСМ (како и на веб страницата на МОН) откако претходно ќе бидат усвоени од страна на Владата“, велат од МОН.

Средношколците на 31 август излегуваат на протест

Средношколците се против моделот за целосна онлајн настава, па поради тоа Сојузот на средношколци во земјава одлучи да излезе на протест, кој ќе се одржи на 31 август во Скопје, а на кој тие ќе бараат опција за комбиниран модел, односно да имаат можност да одберат дали се за настава со физичко присуство или за учење од далечина.

Презакажан протестот на Сојузот на средношколци за 31 август

„Протестираме против одлуката за целосно онлајн настава. Се залагаме за комбиниран модел, каде што дозволуваат условите да се применуваат различни локални методи. Рутата на протестот ја започнуваме пред МОН, а протестот завршува пред Владата на РСМ. Ги покануваме наставниците и родителите кои се залагаат за ваков децентрализиран пристап, наместо едно решение за сите групи, да ни се придружат. Заедно сме посилни“, стои во соопштението на средношколскиот сојуз.

Скопје, 16 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески – Слободен печат

Од Сојузот на средношколци реагираа дека средношколците биле исклучени од процесот на носење на одлуката за тоа како да продолжи наставата од септември, иако од претходно добиле ветување дека ќе бидат дел од тоа.

Поради сето тоа од Сојузот на средношколци, покрај најавените протести, се заканија и со бојкот на наставата.

Како и кога ќе започне новата учебна година во соседните земји?

Новата учебна година во земјите од Западен Балкан ќе започне во различно време и со различни модели и здравствени протоколи за безбедно одржување на наставата за учениците. Како што стојат работите, најверојатно, во сите земји ќе се применува комбинираниот модел, со физичко присуство на учениците и со следење на наставата онлајн од дома.

Србија засега е е единствената земја во регионот која излезе со целосен план за наставата на сите нивоа, како и со детално разработена методологија и мерки за заштита од ширењето на коронавирусот. Веќе е познато дека првиот училишен ден за српските ученици ќе почне на први септември, а првиот час ќе биде посветен на предавања и дискусии на темата за превенција од коронавирусот. Во протоколите изработени од надлежните министерства во детали е објаснето како учениците, наставниците и професорите треба да се однесуваат пред и по влегувањето во училиштата, во текот на часовите за настава и слободното време и во паузите, за заминувањето во тоалет и за обезбедување на дневниот оброк. Учениците од прво до четврто одделение ќе одат во училиште, а во едно одделение може да има максимално 15 деца. Учениците од петто до осмо одделение ќе имаат комбинирана настава – во училишттаа и онлајн.

Децата во училишните трпезарии треба да седат на столчиња оддалечени од еден до два метри, доколку просторот тоа го овозможува. Храната и приборот за јадење не смеат да се разменуваат меѓу учениците. Се препорачува децата да си носат приготвена храна од дома. Родителите треба секое утро да ја проверат телесната температура на своите деца пред заминување во училиште.

Најголем дел од родителите во Србија се за настава со физичко присуство

Повеќе од 50 отсто од училиштата во Србија ја завршија анкетата на која помалку од пет отсто од родителите ја избраа опцијата за учење од дома. Министерот за образование Младен Шарчевиќ изјави дека 75 отсто од содржините на наставната програма се снимани. Видеолекциите се подготвени на осум јазици на националните малцинства, и тоа за целата настава за основните училишта, гимназиите и општите стручни предмети. Останува и стручните училишта (музичките и за физичко образование) да се приспособат на новите услови, а основните препораки се однесуваат на тоа дека концертните активности и јавните настапи треба да се прават во широки простории и со помалку присутни ученици.

Скопје, 16 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески – Слободен печат

Наставата во Хрватска ќе започне на 7 септември токму како што соопштија тамошните власти, со почитување на сите епидемиолошки мерки. Овде родителите немаат можност да одлучуваат дали децата ќе одат на училиште или не. Хрватскиот министер за образование Радован Фуш кажа дека приоритет е сигурноста на децата. Во исклучителни случаи ќе се организира онлајн настава со претходно одреден распоред за настава за сите ученици кои поради епидемиолошки причини нема да можат да учествуваат во наставата во училниците.

Во Словенија и Црна Гора учениците се враќаат на училиште на први септември, а во наредните денови се очекува тамошните училишта да добијат дополнителни препораки за тоа како да се организира наставата.

Во Албанија исто така ќе се организира настава со физичко присуство, а како што најави тамошната министерка за образование, Беса Шахини, учебната година во оваа земја ќе започне како и обично, на 14 септември.

Грција се одлучи за модел на настава со присуство на учениците. Во земјите од регионот ситуацијата останува целосно нејасна единствено во Косово, каде нема ниту датум за почетокот на учебната година. Во Косово се во игра три сценарија – враќање во школите со физичко присуство и спроведување мерки за заштита, делумно враќање или комбинирана настава (физичко присуство и е-настава) и само е-настава, но одлука и натаму нема.

ИСКУСТВА ОД ОТВОРАЊЕТО НА УЧИЛИШТАТА ВО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ: Дел од нив ставија клуч по само неколку дена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот