Промовирана е збирката поезија „Куфер“ на Ерол Туфан

Во понеделникот, на 11 април, во Младинскиот културен центар во Скопје се одржа промоција на стихозбирката „Куфер“ од поетот, есеист, преведувач и новинар, Ерол Туфан. Книгата содржи триесет песни, а збогатена е и со илустрации од Владимир Мартиновски.

Промотори на збирката беа Мартиновски и проф. Лидија Капушевска-Дракулевска. Во книгата се објавени и два пригодни поговори од Капушевска-Дракулевска и од Силвана Димитриевска, а има и осврт на поетот Славе Ѓорѓо Димоски.

– „Куфер“ на Ерол Туфан е едно заокружено поетско патување, во кое се испреплетуваат слики од минатото, размисли, идеи за светот во и околу нас, за нашата (не)припадност во тој свет и нашата подготвеност да отпатуваме во исто време и таму некаде далеку и најблиску до себе. Во поетиката, буквалниот куфер е метафора за постојаното патување, трагање по новото и непознатото, непомирување со секоја вкоренетост, закотвеност во едно место, но во една подлабока филозофска смисла, куферот е нашето најдлабоко јас, нашето себство – напиша Димитриевска.

– Целиот арсенал од значења „спакувани“ во книгата „Куфер“ на Ерол Туфан промовираат една поетика на талкањето, во симбиоза со копнежот по слобода како врвен човеков и уметнички идеал – нагласи Лидија Капушевска-Дракулевска на промоцијата во МКЦ.

– Куфер, како клучното тело, како студена материјализација на духот или на онаа енергија која е дојдена од космосот, оти духот по мене е клучот. Куферот е место каде што е духот. Ова го има и кај Достоевски, или во „Фауст“ – нагласи Туфан, додавајќи дека куферот е книга на оној кој „умее да чита меѓу редови“.

– Има повеќе слики каде куферите се полнат со книги, со писма, куферот како саркофаг, таа слика ме трогнува, куферот како место во кое се става најдрагоценото, но и како метафора на човекот. Мене оваа книга многу ме потсетува на латинската поговорка „Сѐ со себе носам“ – изјави Мартиновски на промоцијата. При тоа, нагласи дека во книгата има два облици на цртежи, од кои десетина се нацртани дигитално, а другите се со молив.

Ерол Туфан е поет, есеист, преведувач, новинар и правник. Роден е во 1959 година во Гостивар. Студирал право во Скопје и Конија, а работи како адвокат во Истанбул. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Удружење књижевника Србије и на Турскиот вакуф на писателите.

Од неговото богато творештво може да се издвојат книгата есеи „Книгољубецот“ (2006 и 2011), книгата поетски есеизации „Несоници“ (2020) и книгите поезија: „Балкански син“ (2013), „Камчето од Вардар“ (2016), „Ликовите во мене“ (2021). Двојазичниот избор од поезијата на македонски и турски јазик „Меланхолија/Melankoli“ (2020) објавена во Скопје. Изборите „Ерол трагом Ерола“ (2016) и „Књигољубац“ (2017) му се објавени во Србија. Во 2019 ја објави книгата „Компаративни поетики“, дел од богатата оставина на својот татко Музафер Туфан. Во Истанбул објавена му е стихозбирката на турски јазик „Hülya bitince“ (2021).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот