Промовирана е втората поетска збирка „Во хаосот радост“ на Калиа Димитрова

Авторката и книгата / Фото: колаж

Книгата „Во хаосот радост“ е втора поетска збирка на Калиа Димитрова, чија дебитантска книга „Вештерките денес“ излезе од печат во 2018, во издание на издавачката куќа „Темплум“. Уредничка на книгата „Во хаосот радост“ е Душица Лазова, а дизајнот е на Кристина Атанасова.

Втората книга ги истражува прашањата на генерацијата заглавена во просторот помеѓу растењето и стареењето, разместеноста, меланхолијата, амбивалентноста на бунтовната женскост, лудилото, но и тврдоглавата потрага по убавина, задоволство, страст за живот, континуитет, влечејќи смисла и сила токму од непомирливоста со зададените (наследените) правила.

– Поезијата на Калиа Димитрова е препознатлива по неколку специфични црти: коктел од болка, духовитост, луцидност, автентична интонација на бунтовност, урбаност, безмилосно остроумна перцепција и склоност кон јазични игри. Таа продолжува со развој на својата феминистичка освестеност за телото, неговите замки и потајни барања, за пркосот и борбата со крајпатните искушенија и пориви, вешто зачинети со, кај нас, мошне ретката, смисла за хумор и подбив со секојдневните политички флоскули – посочува професорката Елизабета Шелева.

Калиа Димитрова (1991, Скопје) пишува поезија, есеи и колумни. Авторка е на збирката „Вештерките денес“ („Темплум“, 2018). Основачка е и уредничка на дигиталната феминистичка платформа „Медуза“, како и на печатените изданија на „Медуза“. Членка е на поетската платформа „Версополис“. За развој на збирката „Во хаосот радост“ престојуваше на писателска резиденција во Белград, доделена од европската мрежа „Традуки“.

– Втората поетска збирка на авторката Калиа Димитрова, „Во хаосот радост“ е зрело поетско достигнување што ѝ нуди свеж, нов идентитет на македонската поетска традиција. Ова е збирка што живее во урбаните пејзажи на современоста, каде што поетскиот субјект јас, од идентитетско гледиште на жена, кротко, истрајно и храбро ги соголува своите искуства, сеќавања и доживувања. Во нив несомнено доминира извесна меланхолија, извесна тага. Но и покрај тоа, овие песни се полни надеж, како што впрочем и навестува самиот наслов на збирката, од истоимената песна „Во хаосот радост“, која победоносно ја крунисува стихот „што и да следува, ја бирам страната на новите деца“ – истакнува професорката и писателка Румена Бужаровска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 201, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-23.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот