Промоција на поетската книга „Огнот наш нестишен“ од Ирена Јурчева

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, во спомен-собата „Т’га за југ“, на 16 декември, во 19 часот, ќе биде промовирана втората поетска книга со наслов „Огнот наш нестишен“ на Ирена Јурчева, а во издание на „Современост“. За книгата ќе говори Верица Мукоска, а стихови ќе читаат Катерина Гогова и Софија Тодороска.

– Збирката „Огнот наш нестишен“ од Ирена Јурчева е суптилно, но наполно свртена кон индивидуалниот, творечкиот, создателскиот, човечкиот… оган во оној живот кој го нуди или наметнува „светот на нашата околина“ или сартровскиот пекол… кон индивидуата, творецот, создателот, човекот… каде крикот во точката е онаа капка што ја прелева чашата на сиот Космос, создаден, одживеан и разнебитен во сопствениот, еден, хераклитовски вечно жив Оган што по мера се пали и по мера се гаси – пишува рецензентката Верица Мукоска.

Ирена Јурчева е родена во 1982 година во Белград. Живее и работи во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за преведување и толкување. Во 2017 година ја одбранила својата магистерска теза на тема: „Културолошко преведување на ’Силмарилион‘ од Џ.Р.Р. Толкин како предизвик за преведувачот“.

Работела како наставник по англиски и француски јазик во повеќе училишта и јазични центри во Скопје. Превела повеќе од петнаесет книги за три издавачки куќи во Македонија. Досега има објавено две поетски книги, „Таинства“ (2017) и „Огнот наш нестишен“ (2022) и две збирки раскази, „Разнишан свет“ (2021) и „Белата е најстрашната боја“ (2019), за која ја добила наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“. Гостувала на повеќе поетски фестивали, читања и слем-натпревари. Нејзина поезија е објавена во неколку книжевни списанија. Организирала и учествувала во повеќе работилници за креативно пишување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот