Програмата во Кинотеката почнува со филмови кои имаа одличен одѕив кај публиката

Фотографија од филмот „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески

Филмската програма во Кинотеката во новата година ќе биде отворена со три долгометражни филмски остварувања кои оставија зебележителна трага во текот на минатата 2022 година. Станува збор за филмовите „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Кајмак“ на Милчо Манчевски и „Од рајот“ на српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ.

– Филмовите „Кајмак“ на Милчо Манчевски и „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески имаа одличен одѕив кај публиката, па практично на барање на филмофилите овие два наслови одново се на нашата филмска програма. Кон нив го придружуваме и новиот наслов на секогаш интригантниот автор Срѓан Драгојевиќ, црната комедија „Од рајот“ – посочија од Кинотеката.

Филмот „Снежана на крајот умира“ (Македонија / Кипар, 2022, 106 мин., колор, ДЦП) во режија на Кристијан Ристески ќе биде прикажан на 4 и 5 јануари, со почеток во 18 часот. Станува збор за дебитантски филм на Кристијан Ристески, а со неговата македонска премиера беше затворено 43-то издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Неконвенционалната љубовна приказна, но и критика на нелибералното лицемерие, со наслов „Кајмак“ (С. Македонија / Данска / Холандија / Хрватска, 2022, 106 мин., колор, ДЦП), е седмиот игран филм на режисерот Милчо Манчевски. Филмот ќе биде прикажан на 4, 5, 9, 10 и 11 јануари во терминот од 20 часот.

Актерската екипа на „Кајмак“ со режисерот Милчо Манчевски

Оваа црна комедија под површината се занимава и со помрачни социјални прашања – сурогат родителство, неверство, улогата на жената во семејството и општеството, трговијата со луѓе, сексуалната слобода итн., а светската премиера ја имаше на Токискиот филмски фестивал во 2022. Во главите улоги играат Ана Стојановска, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Александар Микиќ, Сара Климоска и Филип Трајковиќ.

Филмот „Од рајот“ (Србија / Хрватска / Црна Гора / Словенија / Македонија, 2021, 120 мин., колор, ДЦП) на познатиот српски режисер Срѓан Драгојевиќ ќе биде прикажан на 9, 10 и 11 јануари со почеток во 17 часот.

Премиерата на филмот се случила на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно, по што бил прикажан на повеќе европски и балкански фестивали, како во Котбус, на „СинИст“, „Балкан Панорама“, „Острава Камера Око“, во Валенсија итн.

Фотографија од филмот „Од рајот“ на режисерот Срѓан Драгојевиќ

Филмот беше дел од официјалната програма на 43. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Директор на фотографијата е Душан Јоксимовиќ, редовен соработник на Срѓан Драгојевиќ, со кого ја снимиле комплетната филмографија на режисерот: „Ние не сме ангели“ (1992), „Убавите села убаво горат“ (1996), „Рани“ (1998), „Ние не сме ангели 2“ (2005), „Свети Ѓорѓи го убива змејот“ (2009), „Парада“ (2011) и „Атомски од десно“ (2014).

По овој мини-вовед во кинотечната Нова година, ќе следува „Кино утро“ со филмски наслови наменети за младата публика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот