Проектот „Г-ѓа и Г-ца Х“ на Марија Павловска ќе има презентација во Кинотеката

Монографија за проектот „Г-ѓа и Г-ца Х“ на Марија Павловска

Во Кинотеката во Скопје на 30 јануари (вторник), со почеток во 13.30 часот, ќе биде презентиран медија-арт видеопроектот „Г-ѓа и Г-ца Х“ на Марија Павловска.

Проектот „Г-ѓа и Г-ца Х“ е најновиот циклус на Павловска изработен во последните седум години и вклучува 2000 цртежи – дигитални дела и е поддржан со видеопроекција – инсталација.

Проектот беше поканет и претставен на три водечки биеналиња: XIII Биенале во Фиренца 2021, ОСТЕН Биенале на цртеж – Скопје 2022, каде понесе и награда за Оригинално дело – Концепт, и 59-тото Венециско биенале, 2022 – Контекст во Европскиот културен центар.

– Уметникот Марија Павловска обрнува внимание на континуираното редефинирање на женственоста низ историјата и ги открива своите сознанија во видеопроектната инсталација „Госпоѓа и г-ѓа Икс“… – објаснува Брит Елвира Рујтенберг, куратор на Европскиот културен центар.

Во текот на времетраењето на претставениот проект на XIII Биенале во Фиренца, медиа одделот продуцираше видеопрезентација на изложениот проект во продукција на истиот, а видеото ќе биде прикажано во Кинотеката.

Дополнително, издадена е монографија за овој проект поддржана од „Mana Contemporary Museum“ – САД, во која е објаснет целиот процес на создавање на проектот, од работата во ателјето и делата, како и претставувањето на Биеналето во Фиренца, Остен Биеналето на цртеж и Европскиот културен центар – Биенале во Венеција.

– Циклусот од дигитални дела и видео – инсталација наречен „Г-ѓа и г-ца Х“ на Марија Павловска е ехо на исклучително силната женска енергија на Павловска, која ја претставува повеќеслојната комплексна природа на женскиот елемент – од жената како Мајката Земја до жената г-ѓа и г-ца Х – како рамноправен субјект на современото општество со комплетно задржани атрибути на женственост.

Три елементи доминираат во оваа серија – жицата, кругот и ѕидот. Жицата – како симбол на нескршливост, која добива форма на безброј кругови, правилни и неправилни (симбол на безброј одлуки во животот на жената), но секогаш совршени (како кругот), како и нивните рефлексии (сенки) врз белата површина од ѕидот – континуираните препреки и предизвици во животот на секоја жена.

Видеото (кое е дел од изложбата) со звукот и подвижните слики – само визуелно го надополнува моментот на повеќедимензионалност и комплексност на жената и нејзината трансформација. Моментот на трансформација во овој проект има универзално значење зашто еднакво важи за трансформацијата на жената во текот на нејзиниот живот во оваа, земна димензија, како и за трансформацијата на жената во текот на целата историја на човештвото… – посочува Корнелија Конеска, куратор на Остен Биенале на цртеж.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот