На ремонт проектот „Детска кардиохирургија кај Жан Митрев“

Пред неколку месеци вработените во Клиниката за детска хирургија кои ги работеа кардиохируршките операции на децата, беа префрлени да работат во приватната болница „Жан Митрев“, а со нив и парите од околу милион евра што Фондот за здравство ги издвојува за оваa намена. Иако уште тогаш постоеја сомневања дека ова партнерство во кое сè добива Жан Митрев, а државната клиника останува и без вработени и без буџет нема да ги даде очекуваните резултати, проектот беше промовиран како најдобро решение за пациентите. И неколку месеци потоа проблемите кои пред сè се од организациска и човечка природа доаѓаат до израз.

Како што неофицијално дознаваме, некои од вработените имаат проблем што наместо на позициите на кои се договориле да работат ги прераспределувале на други позиции. Лекарите покрај кардиохируршките операции се ангажирани и за други интервенции, медицинските сестри се префрлани по други оддели, иако претходно тоа не било така договорено. Единствено до што се држи Жан Митрев е дека платите што им ги исплаќа се како што е договорено и тие се повисоки од оние што ги земале во јавното здравство.

Неофицијално, главниот детски кардиохирург, Владимир Чадиковски, во неколку наврати влегол во кавга со Митрев, а еднаш поради несогласување и неколку дена не доаѓал на работа. Нетрпеливоста на овие двајца лекари трае уште од пред да почнат заедно да работат, поради што и постоеја сомневања дека може да има проблем со тоа да работат заедно.

Од организациски аспект, проблем е тоа што прегледите на децата кои се подготвуваат за операција не може да се закажуваат во Мој термин.

Дел од засегнатите вработени сега се на годишен одмор, но се очекува најдоцна во септември министерот за здравство Венко Филипче да седне на маса со сопственикот на болницата Жан Митрев за да се најде начин како ќе се надминат проблемите. Ако тоа не се случи, поголем дел од лекарите и медицинските сестри планираат да си заминат од „Жан Митрев“.

Од Министерството за здравство информираа дека досега до нив нема најава за оставки на доктори, но и доколку одредени доктори по сопствена иницијатива сакаат да ја напуштат Клиниката „Жан Митрев“, тоа не значи престанок на спојувањето на експертизите во државно и приватно здравство за унaпредување на квалитетот на здравствената заштита за деца со најтешки срцеви болести.

„Во клиниката „Жан Митрев“ и сега и понатаму ќе се извршуваат кардиохируршките операции на децата, кои се на товар на Фондот со експертиза од наши доктори и доктори од Република Србија. Конкретно, сите пациенти кои имаат потреба и понатаму ќе ја добиваат неопходната и квалитетна здравствена заштита во оваа Клиника, затоа што има експерти и доктори од Република Србија, кои во директна соработка со македонските доктори работат на овозможување соодветен здравствен третман на сите пациенти, вклучително и на децата до една година”, велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека болницата има склучено годишен договор за операции на деца до една година и овој концепт нема да се наруши.
„Од аспект на професијата, природно е да има промени во работниот ангажман на доктори и медицински персонал, но ваквите флуктации на работни места никако нема да влијаат на концептот кој е уреден со договорот, со што нема да бидат загрозени пациентите кои имаат потреба од ваков вид здравствени услуги”, додаваат од Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот