Пријава за полицајците кои не ја спасија жената што молеше за помош од насилниот сопруг, бидејќи имал ковид-19

Полициските службеници грубо ги повредиле одредбите од Законот за превенција, велат од Хелсиншкиот комитет.

Жена од Тетово неколку пати ја алармирала полицијата дека е жртва на семејно насилство од страна на нејзиниот сопруг, во форма на вербално и невербално заплашување, силување, принуда, демнење, физички напади, одземање на месечна заработка итн., додека како индиректни жртви се јавуваат и нивните малолетни деца кои најчесто се сведоци на силувањето и генерално на физичкото насилство.

Пред да се случи последниот инцидент на 17 минатиот месец, било утврдено дека насилникот е позитивен на вирусот Ковид-19. Токму на 17 ноември околу 22 часот кога жртвата била физички нападната од сопругот, случајот веднаш го пријавила во полиција.

Одговорот од надлежната полициска станица во Тетово бил: „Не можеме да преземеме интервенција во конкретниот случај, бидејќи сторителот е позитивен на Ковид-19“.

Додека насилникот ја малтретирал пред нивните деца, полициските службеници ѝ се јавувале по телефон на жртвата која била во опасност, за дежурните службеници да слушаат што се случува „во живо“ во куќата. Полициските службеници иако знаеле и биле свесни дека животот и здравјето а жртвата се ставени под сериозен ризик, тие свесно одлучиле да не интервенираат во домот поради тоа што насилникот бил позитивен на вирусот Ковид-19, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Дополнително, во одговорот од Министерството за внатрешни работи се вели дека Секторот за внатрешни работи – Тетово располага со заштитна опрема за вирусот Ковид-19 и дека истата полициските службеници ја употребуваат според направена проценка.

Во случаи кога семејното насилство останува непријавено или пак релевантните институции, како Министерството за внатрешни работи, на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, се зголемува веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид. Оттука, недозволиво е полициските службеници кои треба да бидат во првите борбени редови за заштита на жртвите од семејно насилство, да не ја носат потребната заштитна опрема за вирусот Ковид-19 и со тоа несовесно постапување да ги повредат човековите права на жртвите ставајќи ги нивните животи во опасност. Во конкретниот случај, полициските службеници грубо ги повредиле одредбите од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство каде во членот 29 е предвидено дека:

„Полицискиот службеник секогаш кога има пријава за семејно насилство, а заради отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот и физичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство, должен е да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот“. Во истиот член во ставот 2 е предвидено дека „Полицискиот службеник во случаи на семејно насилство, при преземањето на полициските работи и примената на полициските овластувања, оперативно-технички и превентивни мерки утврдени со Законот за полиција, секогаш прави проценка на ризикот по животот и телесниот интегритет на жртвата и на ризикот од повторување на насилството, со цел за заштита на жртвата, преку соодветно управување со ризикот.“

На 20 ноември Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе кривична пријава до Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против полициските службеници од Полициската станица Тетово за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“ од член 353-в став 2 од Кривичниот законик. Хелсиншкиот комитет предложи, по претходно спроведена темелна истрага, прибавување на потребните материјални и вербални докази и утврдување на целокупната фактичка состојба, Основното јавно обвинителство да поднесе обвинение до надлежен суд против пријавените полициски службеници од ПС Тетово за сторено кривично дело со предлог обвинетите да бидат прогласени за виновни и казнети со примарна казна која ќе има специјална, но и генерална превенција во иднина полициските службеници да не вршат вакви и слични кривични дела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот