При влез во затворени објекти во Грција нема да се скенираат сертификатите од трети земји

Граничен премин „Евзони“ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Со едноставно покажување на хартиениот сертификат за вакцинација и документ за лична идентификација, а не со скенирање преку специјалната грчка апликација, во внатрешноста на Грција ќе се проверуваат потврдите издадени од трети земји, соопштуваат од Генералниот секретаријат за трговија и заштита на потрошувачите при Министерството за развој и инвестиции на Грција.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, станува збор за неевропски сертификати, односно за сертификати од земји што не се членки на Европската Унија, а апликацијата што се користи во Грција, едноставно не ги препознава.

Па така, како што вчера објави МИА, државјани на трети земји, меѓу кои и туристи од Северна Македонија, но и од Србија, се соочија со проблеми и иако со валиден сертификат не можеа да влезат во продавници, кафулиња и ресторани, со оглед на тоа што со воведувањето на новите мерки од саботата, за влез речиси во сите објекти во Грција е потребен документ за Ковид-19 што се скенира преку специјалната апликација.

Откако вчера, портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина објасни дека независно од тоа што апликацијата не ги препознава, сертификатите се валидни и со нив се овозможува влез онаму каде што е неопходен сертификатот, денеска со соопштение излезе и надлежниот Секретаријатот за трговија и заштита на потрошувачите.

Од Секретаријатот ги информираат, како потрошувачите така и угостителските и малопродажните компании и местата за забава и им укажуваат дека „влез и услужување на странски клиенти кои поседуваат сертификат за вакцинација или потврда за неодамна прележана болест од земја вон Европската унија, е дозволен со едноставно покажување на хартиениот сертификат и на документ за лична идентификација (пасош), без да биде потребно контрола со специјалната апликација „Covid Free GR”.

За влез во речиси сите затворени простори во Грција, како што се молови, продавниците, но и отворените и затворените делови на кафулињата, рестораните, таверните и сл, од саботата, задолжителен е документ за Ковид-19, чија проверка се врши заедно со документ за лична идентификација.

Исклучок се супермаркетите и продавниците за храна, бензинските пумпи, аптеките и црквите.

По соодветните официјални појаснувања за прашањето кое вчера го покрена МИА, државјаните на Северна Македонија кои во Грција имаат намера да посетат некој од објектите во кои се бара Ковид документ, потребно е да го имаат сертификатот за вакцинација или потврдата за прележана болест во печатена верзија заедно со пасошот.

Дополнителна опција е да го симнат европскиот сертификат, кој со оглед на тоа што е по ЕУ стандардите, го препознава грчката апликација.

Без разлика која опција ќе ја одберат, неопходен е и документ за лична идентификација.

Извор: МИА