Преведувачот од унгарски јазик Златко Панзов ја доби наградата „Драги“

Врачување на наградата „Драги“

На свечена церемонија на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје на 2 октомври беше врачена наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик. Добитник на наградата за 2023 година е Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на романот „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на издавачката куќа „Артконект“.

Комисијата за доделување на наградата во состав: Јана Михајловска, Лидија Капушевска-Дракулевска и Милан Дамјановски, на својот последен состанок констатираше дека сите пет финалисти Анастасија Ѓурчинова, Златко Панзов, Иван Шопов, Љубица Арсовска и Никола Ѓелинчески, заслужуваат да бидат наградени за нивните исклучителни преводи кои, на најубав можен начин, придонесуваат за афирмација на македонски јазик и на книжевниот превод во целина.

Романот „Заробеништво“ од современиот унгарски поет, прозаист, драмски автор и есеист Ѓерѓ Шпиро е мошне комплексен историско-авантуристички роман сместен во времето на Римското царство од добата на Јулио-Клавдиевската династија во 1. век од новата ера.

– Златко Панзов успешно се справил со предизвиците на преведувањето и сосема солидно го пренел историскиот, нималку лесен, дискурс во духот на македонскиот јазик. Преводот на ова волуминозно дело, и по обем, и по содржина, несомнено, изискува голем труд, посветеност и истражувачка работа. Дијалозите се спонтани, а драматичното преплетување на историските факти и фикцијата, во симбиоза со психологијата на главниот лик, нудат несекојдневно читателско искуство – образложи комисијата за наградата.

Специјално признание доби преведувачот Никола Ѓелинчески

Комисијата за доделување на наградата „Драги“ едногласно реши да му се додели и специјална признание – плакета за продолжување на преведувачката традиција и креативниот дух на Драги Михајловски на Никола Ѓелинчески за неговиот превод од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на „Алеф публикации“.

– Ѓелинчески храбро и бескомпромисно ја продолжува традицијата на преводот како метакреација и со тоа придонесува за збогатување на македонскиот јазик. Нешто за што Драги Михајловски беше ненадминат мајстор, но и учител кој својот креативен дух им го пренесе на новите генерации чиј претставник е Никола Ѓелинчески – посочува комисијата за наградата.

Комисијата изрази и благодарност до издавачката куќа „Антолог“ од Скопје и до сите преведувачи и издавачи кои учествуваа на конкурсот за Наградата „Драги“. На сите нив им посака успех на следните конкурси, а на наградата „Драги“ која годинава, некако природно, се вдоми на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, каде што Драги Михајловски го помина целиот свој работен стаж, ѝ посакаа долговечност.

На настанот, деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Владимир Мартиновски, и главниот уредник на „Антолог“, Жарко Кујунџиски, потпишаа меморандум за соработка со кој Факултетот стана партнер во организирањето на наградата.

Интернационалната награда „Драги“ ја доби Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик

Во истата прилика се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик.

Доделувањето на наградата „Драги“ беше преднастан на свеченото отворање на деветото издание на Фестивалот на европска литература „Букстар“, што се одржа синоќа во Младинскиот културен центар. Со низа активности фестивалот се одржува од 2 до 4 октомври во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот