Претставата „Народен непријател“ на МНТ гостува на два меѓународни фестивали во Црна Гора

Фотографија: Кире Галевски

Македонскиот народен театар со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, во јули ќе гостува на два меѓународни фестивали во Р Црна Гора. Од 5 јули до 22 август се одржува 37. фестивал „Град театар“ во Будва, кој оваа година е под слоганот „Сила, храброст и глупост“.

Во текот на 49-те фестивалски денови, на овој престижен собир на уметности ќе настапат околу 620 учесници во драмската, литературната, музичката и визуелната уметност, а претставата на МНТ ќе биде изведена на 16 јули, во 21 часот.

Програмата е конципирана на повеќе локации: на сцената меѓу црквите, во црквата Санта Марија, Плоштадот на поетите, улиците на Стариот град, на платото пред хотелот „Авала“ и во амфитеатарот на манастирот Стањевиќи.

Второто гостување ќе се случи на 18. меѓународен театарски фестивал „Пургаторије“ – Тиват, а покрај скопската претстава, чија изведба е закажана на 18 јули на летната сцена, со почеток во 21.30 часот, во натпреварувачката програма ќе учествуваат уште 8 (осум) претстави од Белград, Загреб, Нови Сад, Подгорица, Тиват и од Сплит.

Претставата „Народен непријател“, во која играат Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски/Григор Јовановски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски, совршено кореспондира со кризата со која повторно се соочува нашето општество.

Доктор Стокман е ангажиран маж, но е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека е неопходна итна жртва, колку и да е тоа болно, а Ибзен е вешт и ги покажува механизмите како поединецот да зборува за системската неправда и автоматски се карактеризира како предавнички, извести Мила Анѓелковиќ од РСМ НУ Македонски народен театар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот