Премиерна проекција на дигитализирана копија на филмот „Мементо“ ќе се одржи во Кинотеката

Проекцијата на „Мементо“ е дел од проектот „Сезона на филмски класици“

По повод 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје, Кинотеката на РС Македонија премиерно ќе го прикаже дигитализираниот филм „Мементо“ (игран филм, Македонија, 1968, 97 мин., црно-бел, ДЦП) на режисерот Димитрие Османли.

На 26 јули, со почеток во 18 часот и проекција на избор од кратки филмски журнали на „Филмске новости“ по повод земјотресот во Скопје, како и проекцијата на „Мементо“ (во 20 часот), Кинотеката ќе се приклучи кон одбележувањето на овој значаен ден, кој пред 60 години го промени животот на овој град.

Во Кинотеката ќе се прикаже извонреден избор од кратки филмски журнали на „Филмске новости“, кои се снимени по земјотресот под заеднички наслов „Благодарам пријатели“. Филмовите прикажуваат автентични архивски снимки од урнатините на градот, но тие се и значајни заради тоа што во нив е документирана и меѓународната помош. Дел од овој избор се филмовите: „Благодарам пријатели (помош од Велика Британија)“, „Благодарам пријатели (помош од Чехословачка)“, „Благодарам пријатели (помош од Светскиот совет на црквите)“, „Благодарам пријатели (помош од САД)“ и „СР Хрватска за Скопје“.

Проекцијата на филмот „Мементо“ на Димитрие Османли е дел од 4-тото издание на проектот „Сезона на филмски класици“, организирана од страна на АЦЕ (Асоцијација на европските кинотеки). Филмот „Мементо“ во исто време ќе има и онлајн премиерна проекција, која ќе се прикажува на официјалната интернет-страница на Кинотеката, како и на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Јутуб.

Филмот „Мементо“ на Димитрие Османли е снимен во 1967 година и ја раскажува приказната за Јана, која низ разговори и реминисценција со германскиот диригент Вили Милер се сеќава на нејзиното миното и семејната трагедија која ја доживеала во катастрофалниот земјотрес во Скопје. Во улогите во филмот играат Стево Жигон, Рената Фреинскорн, Предраг Ќерамилац, Драги Костовски, Нада Гешоска, Петре Прличко, Тодор Николовски.

Во програмата „Сезона на филмски класици“, оваа година се вклучени повеќе од 20 институции кои се грижат за европското филмско наследство, вклучувајќи ги Југословенската кинотека – Југословенски филмски архив од Белград, Националниот филмски институт Унгарија – Филмската архива од Будимпешта, Словенечката кинотека од Љубљана, Чешкиот филмски архив од Прага, Кинотеката на Македонија од Скопје, Бугарскиот национален филмски архив од Софија, Кинотеката на Националниот архив на Естонија од Талин и Државниот архив на Хрватска – Хрватската кинотека од Загреб.

Проекциитe на филмските журнали и филмот „Мементо“ на 26 јули во Скопје се во организација на Кинотеката на Северна Македонија, како и Министерството за култура на Северна Македонија и проектот „Сезона на филмски класици“ организиран од страна на Асоцијацијата на европските кинотеки (АЦЕ).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот