Премиера на претставата „Мајка“ во Битолскиот театар: Бисер на современата драматургија

Нова претстава на сцената на Народен театар Битола е драмата „Мајка“ поставена според текстот на Флоријан Зелер, а во режија на Благој Мицевски.

Битолскиот народен театар со низа премиери го збогатува својот репертоар. По премиерите на „Демони“ во режија на Васил Христов и „Малиџано“ во режија на Софија Ристевска-Петрушева, најновата премиера, изведена на 8 април, е со наслов „Мајка“, а ја постави Благој Мицевски.

Текстот е на современиот автор Флоријан Зелер, кој стана познат по сценариото и режијата на филмот „Татко“, со кој актерот Ентони Хопкинс минатата година го доби Оскарот за најдобра машка улога.

– Средбата со драмите на Зелер беше случајна, но многу интензивна. Драми со содржина и начин на пишување кои ме заинтересираа во толкава мера што веднаш посакав една да се најде на сцената на театарот во Битола. Со оглед на тоа дека за неговите драми е потребна идеална, или како што велиме „филмска“ поделба на улогите, изборот падна на драмата „Мајка“, за која во тој момент собрав актерска екипа со која најдобро може да се соработува за да се пренесе текстот на сцена – објаснува режисерот Мицевски.

Во претставата играат Соња Михајлова, Петар Горко, Марија Стефановска и Антонио Китановски. Драмата е дел од трилогијата „Мајка – Татко – Син“.

– Како и во повеќето негови драми, така и во оваа Зелер се занимава со проблемите на едно „нормално“ семејство, но тука со посебен осврт на проблемите на една жена, која тешко се справува со загубите на најблиските околу себе, сопругот и синот, кои по природата на нештата го живеат својот живот онака како што мислат дека треба. Секако, тоа не се совпаѓа со желбите и потребите на мајката и сопругата во овој случај, што, пак, од своја страна доведува до низа недоразбирања и сериозни проблеми. Она што е најинтересно, но и најтешко се совладува во процесот на работа на претставата е начинот на кој пишува Зелер. Навидум едноставните ситуации, постојаните повторувања на исти или слични реченици, ги водат актерите и публиката на возбидлив пат низ еден огромен лавиринт, наречен живот – открива Мицевски.

Преводот на текстот е на Офелија Ковиловска, драматург е Оливера Павловиќ, сценографијата ја подготви Валентин Светозарев, видеото и костимите се на Благој Мицевски, а на музиката работеше Александар Димовски.

– Мојата режија се однесува со максимален респект кон овој материјал и овие актери и соработници со кои заедно создадовме претстава, која како и текстот постојано оди по работ меѓу сонот и јавето, суптилно носејќи нѐ до крајот каде што ја откриваме суштината на проблемот. Се надевам дека ќе успее да исплива на површина од морето на безличен и неинвентивен театар околу нас, како бисер на современата драматургија, која за првпат се поставува на македонската театарска сцена, а е исклучително актуелна во регионот и светот – потенцира режисерот Мицевски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 124, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот