Предвремени избори нема да има, вели премиерот

Нема предвремени избори и нема да има неосновано изнудување на оставка на Владата. Нема ниту потреба, ниту логика за оставки. Таквата постапка би била изневерување на сите што дадоа поддршка за европската агенда на земјата. Владата е стабилна, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот, вели премиерот Зоран Заев во интервју за МИА.

Заев говорејќи за можност за предвремени парламентарни избори, кои ги бара опозицијата, по бугарското вето, но и за работата на Парламентот во ситуација, кога и власта и опозицијата излегуваат со тврдења дека го зголемуваат бројот на пратениците, нагласи дека е почнат процесот на европеизација на земјава и спроведување на реформска агенда до конечно членство во ЕУ. Додава дека тоа е стратешка цел Владата, одобрена од мнозинството граѓани на последните избори.

-Довербата на мнозинството граѓани кои ја дадоа на политиките на оваа влада беше заради одлучната намера да ги решава сите прашања, вклучително и ова тешкото со Бугарија. Мицкоски нека си погледне во сопствениот двор на белиот дворец, нека размисли и гласно нека си одговори себеси, кој е тој што вообичаено и логично треба да поднесе оставка после толку изборни порази, порача Заев.

Во врска со последната анкета на МЦМС, во која поддршката за СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ е во рамки на статистичка грешка, 18,6 проценти од испитаниците се изјасниле за владејачката, а 18,1 процент за опозициската партија, Заев вели дека полето за политички натпревар на идеи и концепти е отворено.

Тој потенцира дека граѓаните во неколку различни изборни циклуси покажале по кој пат треба да оди земјата.

-Во Штип на локалните избори нашиот кандидат го зголеми бројот на освоени гласови во споредба со парламентарните, без разлика на бојкотот на ДПМНЕ. Најрелевантна анкета е таа што се спроведува на изборите. Во последните три години на три избори победува политичката понуда на СДСМ и на коалицијата, нагласи за Заев во интервјуто за МИА, кое наскоро ќе биде објавено во целост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот