Пратениците добија втора шанса да спречат урбанистички и правен хаос

фото Архива

Загрозени уставни вредности, опасен преседан и обид неправото да стане право, се само дел од реакциите во јавноста, кои изразуваат поддршка на ставот на претседателот Стево Пендаровски да не го потпише указот за законот за легализација на бесправно градените објекти.

Овој закон ќе ги легализира дури и објектите кои се градат во строго заштитени подрачја, па дури и во првите зони на заштита на витални структури како водоснабдителни системи.

Такви се случаите на дивоградбите во Матка, на охридското крајбрежје, во националните паркови, но и за случаи како што е малата хидроцентрала на Лешница на само стотина метри од каптажата за вода за градот Тетово и многу други.

Очите сега се вперени во пратениците, од кои, откако во рок од 30 дена законот биде повторно ставен на гласање, се очекува да го закочат неговото повторно донесување во обид да се спречи намерата на Владата за легализација на десетици илјади нелегални градби, во кои спаѓаат и комерцијални објекти, вили, базени, па и градби во најстрого заштитени подрачја. За второ одобрување законот во Парламентот мора да биде поддржан од две третини од пратениците, по што Претседателот е должен да го потпише указот.

– Правна држава е систем кој треба да се следи без исклучоци основ на некои темелни вредности и со негово доследно почитување. Кога од неправо ќе направиш право, тогаш правото можеш да го фрлиш во ѓубре! Правниот систем ќе функционира само ако законите доследно се почитуваат и ако сериозните прекршувања се санкционираат – вели професор Гордан Калајџиев од правниот факултет Јустинијан Први на УКИМ.

Тој потсетува дека не може да се амнестираат оние кои се очигледно фатени дека направиле кривично дело.

– Не може некому да се урива објект поради бесправно градење, за потоа на стотици истото да им се легализира. Ако ти еднаш допуштиш некому нешто што е незаконски, а потоа пак го забраниш, тоа нема никаква правна смисла – вели професор Калајџиев.

Тој додава дека од една страна се вложуваат големи пари и напори да се изгради систем за борба против перењето пари, за да се спречи незаконско стекнување со имот, а од друга страна државата на истите тоа им го овозможува и ги амнестира.

Поранешниот министер за финансии и аналитичар Џевдет Хајредини на својот Фејсбук профил тврди дека зад ваквиот потег на Заев стои меѓупартиски договор на СДСМ и ДУИ.

– Ова не е заштита на 50.000 објекти на граѓаните, туку е заемна амнестија за партиски криминални структури кои граделе на узурпирано државно земјиште. Од нив зависи и владината „стабилна коалиција”. Ова е и озаконување на криминалот на урбаната мафија. Ова е уште еден доказ дека Македонија навистина направила многу повеќе отколку што ЕУ бара од неа. Ова е и заеднички договор за непочитување на законите и на правната држава – коментира Хајредини.

Иницијатива О2 , која, заедно со повеќе граѓански здруженија и еколошки организации, го повика претседателот Пендаровски да не го потпишува указот за законот за дивоградбите, велат дека е несфатливо како може од нешто што е незаконски да се прави нешто законско и колку може еден ваков закон да се поправи кога во неговата основа стои противправна идеја.

– Ако се сака да им се помогне навистина на социјално загрозени семејства, има друг начин државата да им излезе во пресрет, а не покрај нив некој да легализира хотели, хациенди и комерцијални објекти“, вели Невена Георгиевска од Иницијативата О2.

Таа се надева дека законот, кој ќе има трето читање, ќе биде блокиран од пратениците кои веќе се изјаснија дека се против неговото донесување.т

Еколошката организација Фронт 21/42, чијшто фокус е урбанизацијата на заштитените подрачја, вели дека од оваа влада не може да се очекува дека ќе превземе било што за да ги заштити заштитените подрачја. 

– Оваа влада донесе закон за легализација на кривично дело, со кој  неповратно се нарушуваат темелните вредности на државата дефинирани во Уставот. Се поништуваат донесени правосилни одлуки и се прекршуваат повеќе закони, како Законот за заштита на природата, Законот за води, Законот за урбанистичко планирање, Законот за општа управна постапка, итн – велат од  Фронт 21/42.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот