Пратениците напладне продолжуваат со расправата за избор на нови министри

Собрание / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во Собранието денеска треба да продолжи расправата за изборот на новите министри за правда, за здравство, за информатичко општество и за животна средина и просторно планирање.

За министер за правда е предложен Кренар Лога, за министер за здравство Фатмир Меџити, за министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу и за министер за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

Дебатата траеше до доцна синоќа, а претседателот на Собранието Талат Џафери го закажана продолжението за денеска во 12 часот.

Расправата за изборот на новите министри почна вчера, а уследи откако по речиси две недели беше завршена расправата за разрешувањето на досегашните министри од редовите на „Алтернатива“ и тоа за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и на министерот без ресор задолжен за дијаспора, Џемаил Чупи.

Премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на расправата за изборот на новите министри од кои тројца се од редовите на „Алијанса за Албанците“ ја побара довербата од пратениците за формирање на, како што посочи, постабилна, поуспешна, поефикасна и фокусирана Влада.

На 104. седница треба да бидат разрешени и замениците-министри за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу и да бидат избрани нивни заменици.
На стартот на седницата, што почна на 13 февруари, беа констатирани оставките на министрите за правда Никола Тупанчевски и за животна средина Насер Нуредини, како и на замениците-министри за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот