Пратениците на СДСМ затекнати од сомнежите на Пендаровски – ќе има ли мнозинство за техничката влада

Пендаровски во Собрание/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

 Слушнав дека и во владејачкото мнозинство не се многу среќни со изјавата на Мицкоски дека ќе кандидира и двајца министри и тројца заменици и пак нема да гласа поради Џафери, и дека поради тоа е можно и тие да не гласаат за таква влада, изјави шефот на државата Стево Пендаровски.

Комплетирањето на Државната изборна комисија (ДИК), позиционирањето за претседателските кандидатури и планови за постизборно коалицирање се само дел од спектарот условувањата помеѓу власта и опозицијата за поддршка при формирањето на техничката влада.
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, тргнува да ги убедува – прво своите, потоа владиниот партнер Арбен Таравари, но и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски зошто треба на 28 јануари за техничката влада да има 61 глас и Талат Џафери од спикерската во Собранието да седне во премиерската фотелја во Владата (техничка). И власта и опозицијата калкулираат со мнозинството, но изненади изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски дека може да нема 61 глас за техничката влада, ако дел пратеници од СДСМ и коалицијата не гласаат, револтирани од изјавата на Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ ќе партиципира во владата, но нема да гласа за „влада на Џафери“. Пратеници од СДСМ се изненадени од претпоставките на претседателот на државата и негираат дека има разногласие за поддршка на техничката влада.

– Ако има јасен политички договор треба да има 61 глас за таа влада. Јас нема да барам гаранции, ако дојде човек и вели имаме мнозинска поддршка нема да чекам десеттиот, уште првиот ден ќе го дадам мандатот за да се запази рокот 28 јануари. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека тие би влегле во таа влада, но не би гласале за неа. Е сега, чув дека и во владејачкото мнозинство не се многу среќни со изјавата на Мицкоски – да има двајца министри и тројца заменици и пак да не гласаат поради Џафери – и дека е можно поради тоа и тие да не гласаат за таква влада, тогаш може да нема 61 глас – рече Пендаровски во „Само интервју“ на Канал 5.

Претходно, како што веќе објави „Слободен печат“, и Алијанса за Албанците поддршката за техничката влада ја услови со комплетирањето на Државната изборна комисија (ДИК) со нивниот кандидат.
Техничката влада треба да почне да функционира на 28 јануари откако претходно Ковачевски ќе си поднесе оставка од премиерската функција за Пендаровски да може да го додели мандатот.

Пратеници од СДСМ со кои контактираше „Слободен печат“ беа затечени од изјавата на претседателот на државата и тврдат дека првпат слушаат дека во пратеничката група има разногласие и дека дел од нив нема да ја поддржат техничката влада.

– Не знаеме од каде и од кого слушнал Пендаровски дека ќе ја доведеме во прашање поддршката за техничката влада. Не е првпат Мицкоски да условува без аргументи. Несериозно е пратеничката група да се поведува по изјавите на Мицкоски. СДСМ и коалицијата ќе гласа за техничката влада – велат пратеници од СДСМ.

Во истото интервју Пендаровски рече дека е можно да се кандидира за втор мандат: „Ако постојат потентни политички партии, партии што ќе сакаат да ми ја дадат поддршката и ако тука може да се направи комбинација меѓу она што значи граѓанска и партиска Македонија, мислам дека шансите се сериозни“.

Ако нема договор со СДСМ и ДУИ за Алијанса да го задржи испразнетото место во Државната изборна комисија, партијата смета дека ќе нема обврска кон владините партнери и да гласа за техничката влада. Избор на нов член на ДИК ни денеска не се најде на пленарната седница, иако опозициската Беса побара да се дополни дневниот ред со таа точка бидејќи Комисијата за избори и именувања пред една недела ги утврди кандидатите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот