Се формира ли мнозинство против техничката влада?

 Можно е техничката влада да не биде избрана, ако „против“ или „воздржано“ гласаат 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, плус Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој исто така се изјасни дека е против, плус осум пратеници на Алијансата за Албанците, шест пратеници од Европскиот сојуз за промени и двајца од Левица.

Можно ли е на 100 дена пред изборите, Собранието да нема мнозинство да ја изгласа техничката влада? Дилемата се наметна откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека опозициските пратеници може да не ја поддржат пржинската влада, а висок функционер од владејачката Алијанса за Албанците за „Слободен печат“ брифира дека и тие играат на таа карта ако владините партнери не го поддржат нивниот кандидат за Државната изборна комисија. Во таков случај опцијата власта да нема 61 глас за техничка влада би можело да биде реална.

Колку најавата на Мицкоски, а особено на владејачката Алијанса е реална, или само форма на притисок за да се издејствува подобра предизборна позиција, ќе се знае по расплетот за избор на член на Државната изборна комисија, или на 28 јануари, кога треба да се избере пржинската влада.

Откако власта го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се укине техничката влада, по што Мицкоски тоа прашање не го отвори на лидерската средба, тој во интервју за ТВ Шења навестува дека е можно да не ја поддржат пржинската влада. Опозицискиот лидер вели дека засега тоа е негов личен став и дека за тоа допрва ќе расправаат партиските органи. Според Мицкоски, техничката влада е спротивна на Уставот и законите. Тој ги негира и тврдењата дека бара да се укине техничката влада, бидејќи е против премиер Албанец.

– Јас бев првиот што предложи Африм Гаши да биде премиер, Гаши е Албанец. Не сме против премиер Албанец. И никогаш нема да бидеме, но не можеме да прифатиме нешто што е спротивно на закон и Устав, а законот вели премиерот доаѓа од партијата што има најмногу пратеници во парламентот. Во моментов, ситуацијата е таква што ни ДУИ, ни Алијанса за Албанците, ни ДПА, ни СДСМ немаат најмногу пратеници во парламентот. Најмногу пратеници има ВМРО-ДПМНЕ и затоа ние сме воздржани за ова прашање – вели Мицкоски.

Тој додава дека допрва во партијата ќе разговараат дали ќе учествуваат во техничката влада.

– Ние побаравме да се избрише техничка влада. Не може да учествуваме во нешто што е лошо катализирано и не е соодветно со законите и Уставот. Ние може да учествуваме во Владата, но ќе ни дозволите да бидеме воздржани во однос на изгласувањето на Владата, да не ја поддржиме, тоа е мојот личен став – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, и без „пржинска“ влада, СДСМ и ДУИ може да го реализираат договорот за премиер Албанец во последните 100 дена од мандатот, но преку политичка влада. Тоа би значело Ковачевски да поднесе оставка од премиерската функција, шефот на државата Стево Пендаровски да го даде мандатот на предложениот мандатар и во последните 100 дена да има политичка влада без учество на опозицијата.

Впечатливо е дека и висок функционер од Алијанса за Албанците за „Слободен печат“ брифира дека ако нема договор со СДСМ и ДУИ Алијанса да го задржи испразнетото место во ДИК, во таков случај тие немаат обврска да бидат фер кон владините партнери и дека сè е во игра. Според функционерот што нè брифираше, ако на СДСМ ѝ е важно да настапат на изборите како европски фронт од овие три политички субјекти, најголемата владејачка партија не ќе може да се надева на коалиција со Алијансата, ако го гласа кандидатот на Беса за ДИК.

Освен откажување поддршка за техничката влада, Алијанса веќе најави дека во игра е и да ја напушти актуелната Влада и на изборите да настапи самостојно. Како што веќе објавивме, лидерот на Алијанса Арбен Таравари како можни решенија за ДИК на маса ќе стави на избори да се оди без комплетирана ДИК, односно со испразнето место, да се прошири составот на ДИК од седум на девет члена. Според ова, освен актуелниот состав – три члена од СДСМ, еден од ДУИ, двајца од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса да го задржи местото во ДИК, а членови да номинираат и Беса и Левица, а во игра е и опцијата ДИК да остане со седум члена, а владините партнери да го поддржат кандидатот на Алијанса.

Дали власта ќе обезбеди мнозинство за да ја изгласа техничката влада, ќе зависи и од позиционирањето на албанскиот опозициски блок. Европскиот сојуз за промени, кој брои шест пратеници, смета дека техничката влада треба да опстои и за претстојните избори, но нивен услов е тие да бидат застапени со свои министри. Изет Меџити, откако со Билал Касами и Африм Гаши, ја напуштија лидерската токму поради кавга со претседателот на Собранието Талат Џафери за испразнетото место во ДИК, изјави дека техничка влада треба да има, а министрите да ѝ припаднат на албанската опозиција, со цел, како што рече, да се отстрани дел од режимот.

Според распоредот на силите во Собранието, можно е техничката влада да не биде избрана, ако „против“ или „воздржано“ гласаат 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, плус Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој исто така се изјасни дека е против, плус осум пратеници на Алијанса за Албанците, шест пратеници од Европскиот сојуз за промени и двајца од Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот