Прашање без одговор: Ако мостот „Беласица“ е безбеден, зошто би биле небезбедни работниците што работат под него?

мост Беласица/слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

По мостот „Беласица“ од септември се вози по две ленти, а двете средишни и понатаму се затворени за сообраќај. Објаснувањето на градоначалничката Данела Арсовска уште кога мостот делумно се пушти во сообраќај беше дека тоа се прави поради безбедноста на работниците што треба да го монтираат топловодот.

Во меѓувреме, Град Скопје правеше испитувања на мостот, вршеше и тестирање со товарење, по што на прашање од „Слободен печат“ што покажало тестирањето, оттаму одговорија дека мостот е во одлична состојба.

Според анализите, утврдено е дека мостот е во одлична состојба и е сигурен и безбеден за сообраќај и движење на граѓаните. Дополнително беше извршена прва фаза на пробно товарење, а во моментов се чека завршување на поставувањето на цевководот за топлинска енергија по што мостот ќе биде пуштен во целосна употреба – одговорија од Град Скопје.

Оттогаш до денес остана нејасно, каква е поврзаноста на поставувањето топловодни цевки со тоа што мостот не се пушта целосно во употреба и зошто работниците би биле небезбедни доколку по „Беласица“ се одвива сообраќај. Од што стравуваат надлежните? Да не се ронат делови од мостот врз работниците? Зошто би биле небезбедни кога, како што тврдат, веќе е утврдено дека објектот е во одлична состојбата и е безбеден за сообраќај.

ЕСМ сѐ уште не ја започна санацијата на мостот „Беласица“, се работело за комплексна активност

Ова е прашање на кое, иако повеќепати е поставено, од Град Скопје и од АД ЕСМ досега нема одговор. Од Градот немаат објаснување и кој точно утврдил после тестирањето со товар дали мостот е безбеден, поточно не беше соопштено дали била ангажирана лиценцирана фирма за испитување на мостовски конструкции, која може одговорно да потврди дека мостот е безбеден. Веројатно тоа не го направиле стручни лица од ЈП „Улици и патишта“, затоа што ова претпријатие нема таква лиценца.

Кој всушност ќе одговара доколку нешто се случи со мостот кому му беше неопходна „козметичка санација“ што трае веќе девет месеци, со оглед на фактот дека објектот сѐ уште не се пушта целосно во сообраќај? И зошто нема јавноста не се информира зошто работите се одвиваат толку бавно?
Од компанијата ЕСМ, која според градоначалничката требаше да ја изврши санацијата, да го демонтираат опожарениот и да го монтираат новиот топловод, се исклучуваат од одговорноста за безбедноста.

Процената на безбедноста на сообраќајот на мостот не ја врши АД ЕСМ, од таа причина не би сакале да шпекулираме со претпоставки поврзани со безбедноста во случај на целосно пуштање на мостот во употреба. Оттука и одговорноста за безбедноста е кај институциите кои ја прават оваа проценка – велат оттаму.

„Козметичката“ санација на „Беласица“ стана проблем – ниту мостот се санира, ниту цевките се монтираат

Нивните екипи со месеци работат, но топловодните цевки сѐ уште лежат покрај, наместо под мостот.

 ЕСМ Дистрибуција работи на санација на цевководот кај мостот Беласица, при што успешно се отстранети оштетените цевки и донесени се нови. Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа. Во таа насока се вложуваат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок – велат од компанијата.

Оттаму досега нема објаснување што подразбира таа комплексна активност која никако да заврши, ниту пак одговор на прашањето дали ЕСМ има проект за санација и дали е распишан тендер за изведување на санацијата.

Многу прашања остануваат нејасни и без одговори откако во мај минатата година се случи пожарот на мостот „Беласица“ .

До денеска не се најде ниту виновникот за опожарувањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот