Познати се лауреатите на годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија

Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) ги објави имињата и делата на добитниците на годишните награди за проза, поезија, критика и есеј, и литература за деца и млади за 2022 година, кои ќе бидат врачени на 13 февруари во ДПМ.

Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување за 2022 година. Признанието традиционално го доделува Друштвото на писателите на Македонија уште од далечната 1975 година. На конкурсот за наградата „Стале Попов“ во ДПМ пристигнале осумнаесет дела од исто толку автори.

Нивниот квалитет го оценуваше комисијата во состав: Милован Стефановски (член), Весна Дамчевска Илиевска (член) и Александра Јуруковска (претседател). По неколку одржани состаноци, комисијата едногласно ја донесе одлуката наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга за 2022 година да му ја додели на романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски.

Венко Андоновски

Според образложението, станува збор за слоевито, комплексно дело, кое пред читателот открива неколку светови и мноштво силни пораки.

– Андоновски многу свесно, прецизно и луцидно си поигрува со времето и просторот, со временскиот дисконтинуитет, но и со една од вечните човекови опсесии – бесмртноста. Трите главни приказни се одвиваат во три периода, со (не)случајни синхроницитети меѓу нив и низ неколку клучни теми: верност, вечност, туѓиот грев и сопствената безгрешност – стои во образложението на комисијата.

Ова е трета награда „Стале Попов“ на ДПМ за Венко Андоновски, кој признанието за најдобро прозно остварување го доби за романот „Папокот на светот“ во 2000 година и за романот „Ќерката на математичарот“ во 2013 година.

Комисијата избрана за доделување на годишната награда „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра поетска збирка во 2022 година, во состав Зоран Анчевски (претседател), Мерсиха Исмајлоска и Славе Ѓорѓо Димоски (членови) на два состанока ги разгледале книгите од годинашната поетска продукција пристигнати на конкурсот и по подолга и образложена дискусија, Комисијата го сведе својот избор на три поетски збирки, наведени по азбучен ред според презимињата на авторите: „Убавите жени“ од Зоран Пејковски; „Кадуцеј и лира“ од Сузана В. Спасовска; и „Позлатено распетие“ од Ивица Челиковиќ.

Зоран Пејковски

Членовите на Комисијата ѝ дадоа предност на книгата „Убавите жени“ од Зоран Пејковски. Иако и во неа се констатирани извесни слабости, се истакнува дека книгата како целина нуди една заокруженост со јасна тематска преокупација и идеја, фокусирани на убавината како универзална човечка димензија и дека таа изобилува со впечатливи поетски слики поместени во сферите на љубовното, еротското, чувственото. Со доделувањето на наградата „Ацо Шопов“ за 2022 година ДПМ се придружува кон прославата на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов.

Книгата „Книжевен бинокулар“ од Соња Стојменска-Елзесер е новиот носител на наградата „Димитар Митрев“ за 2022 година. Тоа е награда за книга со критики или есеи. Комисијата во состав: д-р Марина Мијаковска, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и Глигор Стојковски, детално ги разгледала сите пристигнати книги и на последниот состанок едногласно одлучила наградата „Димитар Митрев“ да ја добие делото на Соња Стојменска-Елзесер.

Соња Стојменска-Елзесер

Станува збор за есеистичко дело, во кое компаратистичката промисла на книжевните феномени отвора нови видици и предизвици во македонската книжевна наука. Стилот е јасен и течен, а теориските импликации и цитатноста на делата со кои се служи авторката, воопшто не го отежнуваат читањето на есеите.

Комисијата за наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ, која се доделува за книга за деца и млади, едногласно одлучила наградата за 2022 година да ѝ биде доделена на книгата поезија „Чудесен дар во годишен календар“ од авторката Ели Маказлиева.

Ели Маказлиева

Комисијата во состав: проф. д-р Кристина Николовска, Кузман Кузмановски и Александра Велинова детално ги разгледале сите пристигнати книги и на последниот состанок едногласно одлучиле дека делото на авторката Ели Маказлиева се одликува со висок квалитет и изградена структура, поставена идеја која расте во одлична содржинско-изразна и графичка реализација. Делото поттикнува со креација, оригиналност, иновативност, „оддишува“ со модерна поетика и современ израз, актуелни теми, но и вечни, универзални пораки.

Традиционалното врачување на наградите за најдобрите остварувања ќе се одржи на 13 февруари – Денот на Друштвото на писателите на Македонија, во 11 часот, во просториите на ДПМ. За 76-годишнината на Друштвото на писателите на Македонија ќе говори претседателот Христо Петрески, а на свеченоста ќе бидат соопштени и новоизбраните почесни членови на ДПМ од странство: Златко Крамариќ од Хрватска, Ала Шешкен од Русија и Ана Багрјана од Украина.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 166, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот