Познати личности кои ги изгубивме во 2022 година

Фото: Принтскрин - Инстаграм / Фејсбук

Во 2022 година изгубивме бројни познати личности како од светот така и од нашата земја.

Александар Џамбазов, диригент и композитор

Легендарниот диригент и композитор, маестро Александар Џамбазов почина на 25 јануари, на 85-годишна возраст.

Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина. Тој е македонски диригент и композитор. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство. Добитник е на над педесетина награди. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.

Игор и Александар Џамбазов
Игор и Александар Џамбазов / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Џамбазов е автор е на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.

Невенка Кочовска, пејачката на легендарната група „Мањифико“

Оваа година ја изгубивме и жената со магичен глас. Невена Кочовска, пејачката на легендарната група „Мањифико“, една од најпопуларните групи во 1960-70-те во поранешна во поранешна Југославија. Имаше 81 година.

Невена, која со години боледуваше од Алцхајмерова болест, е мајка на популарните пејачки Тања и Лидија Кочовски, а татко им Пантелеј Кочовски-Панче беше еден од основачите на групата. Последен пат Невена и Панче заедно со ќерките настапија во февруари 2017, кога со изведба на мексиканската песна „Мама Хуанита“ беше одбележано признанието Златна Буба Мара за животно дело на ансамблот „Мањифико“.

Фото: Фејсбук – Принтскрин

Ансамблот бил формиран во 1959 година и постоел до 1990 година. Го формирале Пантелеј Кочовски-Панче и Крсто Таушанов, ученици во Средното музичко училиште во Скопје, додека биле на младинска работна акција во Демир Капија, најужната делница од автопатот Братство-Единство за да настапат на приредба. Од бригадирите им се приружил Сергеј Поповски, гитарист, исто така, ученик во Музичкото училиште. Набргу, на местото на Сергеј доаѓа Димитар Томов-Митко, одличен гитарист и вокал, а следната 960 година, во Музичкото училиште ја откриваат Невенка Арсова и нејзиниот раскошен алт. Таа година квартетот го добива името „Мањифико“.

Анастасија Низамова Мухиќ

Првенката на Македонската опера и балет, Анастасија Низамова Мухиќ, почина на 11 декември. информираше нејзината матична куќа.

Фото: Јутјуб/принтскрин

Таа е носителка на повеќе од 20 насловни и повеќе споредни улоги од својот фах, во кои демонстрира музикалност и темперамент во сценската изведба. Позначајни улоги: Орфеј (Орфеј и Евридика), Керубин (Свадбата на Фигаро), Ацучена (Трубадур), Адалџиза (Норма), Амнерис (Аида), Кармен, Розина (Севилскиот бербер), Мадалена (Риголето), Улрика (Бал под маски), Ирена (Цар Самуил).

Настапувала и на концертниот подиум со соло-рецитали, во вокално-инструментални дела и во областа на забавната музика – како интерпретатор на џез-композиции и спиритуали. Гостувала во Канада, САД, Полска, Русија.

Во 1991 година, Анастасија Низамова Мухиќ учествуваше на југословенскиот избор на песна за Евровизија – „Југовизија“, со композицијата „Молитва“ на Григор Копров.

проф. д-р Димитар Бајалџиев

На 78 години на 14 август почина проф. д-р Димитар Бајалџиев, долгогодишен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, на Катедрата за воведни и теоретски правни науки.

Проф. д-р Димитар Бајалџиев / Фото: МИА


Проф. д-р Димитар Бајалџиев (1944-2022) беше и министер за образование и наука од септември 1992 до декември 1994 година, поранешен декан на Правниот факултет и член на Деканатската управа.

Митко Апостоловски, актер

Реномираниот македонски театарски, филмски и телевизиски актер Митко Апостоловски почина на 67-годишна возраст.

Митко Апостоловски
Митко Апостоловски / Фото: Фејсбук, Народен театар – Битола

Митко Апостоловски е роден во Битола на 7 март 1955 година. Дипломирал на Отсекот за драмски глумци при Вишата музичка школа во Скопје. Во текот на својата актерска кариера, тој работел во Народниот театар во Битола и во Народниот театар во Куманово.

Тој има одиграно бројни улоги по кои ќе остане запаметен. Меѓу нив е и улогата на Аритон во филмот „Големата вода” (2004) на Иво Трајков, потоа Димитрија во филмот „Трето полувреме” (2012) на режисерот Дарко Митревски и Ристо во „До балчак” на Столе Попов од 2014 година.

Јанко Николовски, новинар

Во 75-тата година од животот почина новинарот Јанко Николовски. Роден е во 1946 година во Скопје, каде завршил правен факултет. Кариерата ја почнал во 1970 година во тогашната Телевизија Скопје, прво како новинар, а потоа и уредник на актуелно политички емисии.

Добитник е на две државни награди „Мито Хаџивасилев-Јасмин” – за новинарство во 1975 и за публицистика во 2005 година.

Беше член на неколку експертски групи на Советот на Европа во Стразбур, за прашања за слобода на медиумите. Во 2006 година беше избран за прв претседател на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, каде остана до своето пензионирање.

По пензионирањето остана активен во областа на публицистиката, со издавање публикации и статии на тема слобода на медиуми во повеќе списанија и портали во регионот.

Проф. Др. Методи Чепреганов

Почина Проф. Др. Методи Чепреганов, специјалист по невропсихијатрија и епилептологија.

Доктор Методи Чепреганов / Фото: МИА

Д-р Чепреганов беше дел од Европската асоцијација за клиничка неврофизиологија и епилептологија за земјите од Француско говорно подрачје; Невролошка асоцијација на Франција. Награден е со орден Palmes Academiques од страна на Првиот министер на Франција во името на Министерството за наука.

Душко Родев, драмски писател и сценарист

На 30 јуни 2022 г., во Скопје, по кусо боледување, во 91-та година од животот, почина писателот Душко Родев – романсиер, раскажувач, драмски писател и сценарист.

Душко Родев/Фото: Социјални мрежи

Душко Родев е роден на 17 април 1932, Скопје. По образование беше филолог – романист, работел како новинар, слободен репортер, дописник, но и како уредник во издаваштво. Тој беше раскажувач на човекови судбини, на приказни исполнети со иронија и апсурди. Наградуван беше на анонимни конкурси за расказ и со наградата на дневниот весник Утрински весник „Роман на годината“. Родев е автор кој беше премолчуван, дури и забрануван во времето на социјализмот. Последниве десетина години вниманието кај читателите го привлече со двата последни романа – „Човекот што ги сакаше калинките (награда „Роман на годината)“, кој имаше три изданија, и „Во очекување на Нобеловата награда“ кои беа преведени на неколку јазици (српски, бугарски, руски, украински…)

Натка Пенушлиска-Митровска, примабалерина

Оваа година се збогувавме со примабалерината Натка Пенушлиска-Митровска (1934 -2022 година).

Балетското образование го стекнала во Средното балетско училиште во Скопје, во класата на Ѓ. Македонски и Н. Кирсанова, а потоа се доедуцирала кај познати педагози во Париз.

Сашо Пижевски – Пиже, скопски урбан лик

Во Скопје на 17 мај на 57-годишна возраст почина Сашо Пижевски – Пиже, скопски урбан лик, сопственик на порталот „Кај мајка ти и татко ти“ и поранешен член на „Хавана бенд“

Детството го поминал во скопско Дебар маало и до последен ден остана верен на својот сакан град. Пиже несомнено беше еден од двигателите на ноќниот и забавен живот во Скопје од крајот на 80-тите години.

Со Игор Џамбазов и Горан Атанасов – Зеко беше основач и член на култната група „Хавана бенд“ која несомнено беше голема атракција на македонската естрада во раните 90-ти години. Јавноста вечно ќе ги памти и потпевнува хитовите „Шток ми бејби“, „Дај ми, жити се“, „Нема спас“…

По распаѓањето на групата, се посветил на угостителството, работел како менаџер, директор, ко-сопственик и сопственик на кафулиња, ресторани и ноќни клубови како „Хавана клуб“, „Парк“ и други.

Андријана Мациевска, уметница

На 41 годишна возраст почина уметницата Андријана Мациевска, ќерката на познатата пејачка и водителка Јулија Мациевска, која долг период водеше битка со канцерот.

Нејзината мајка Јулија пред неколку дена јавно упати апел на социјалните мрежи со цел луѓето да се помолат за влошената состојба на нејзината ќерка Андријана која храбро се бореше со битката со ракот на онкологија. Андријана по влошувањето на состојбата беше однесена на Клиниката за онкологија.

Мајда Тушар, актерка

Македонската театарска и филмска актерка Мајда Тушар почина на 70-годишна возраст.

Мајда Тушар е родена во 1950 година во Скопје. Дипломирала актерска игра во првата класа на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Од 1972 до 2015 година беше дел од Драмскиот театар во Скопје.

Тушар во својата плодна кариера одигра бројни главни и споредни улоги на сцената на Драмскиот театар и театрите низ Македонија.

Меѓу најпознатите театарски улоги по кои ќе ја паметиме се Рут во „Дејството на гама зраците врз сенишните невени“, Лисјена во „Болва во уво“, Дафина во „Јане Задрогаз“, Неда во „Црнила“, Ленче во „Ослободување на Скопје“, Орсолина во „Рибарски караници“, Невестата во „Чудото на Свети Ѓорѓи“, Клодија во „Тетовирани души“, Кристина во „Сили во воздухот“, Медеја во „Медеја“ и многу други.

Горјан Тозија – Медо, филмски продуцент

Филмскиот продуцент Горјан Тозија – Медо почина на 68-годишна возраст, а тажната вест ја споделија дел од неговите пријатели.

Тозија беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во министерството за култура и советник во Kабинетот на претседателот Бранко Црвенковски.

Беше претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), а во 1993 стана директор и на државниот продуцент „Вардар филм“. Во тој период „Вардар филм“ ги сними филмовите „Пред дождот“, „Ангели на отпад“, „Преку езерото“, „Џипси меџик“, и учествува во реализацијата на два холивудски филма кои се снимаа во Македонија, „Миротворец“ и „Добредојде во Сараево“.

Во 2017 беше назначен за в.д. директор на Агенцијата за филм.

Луан Старова, писателот, дипломат и академик

Писателот, дипломат и академик Луан Старова почина на 81 година

Добитник е на државните награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и на наградите „Крсте Мисирков“ за публицистика, „13 ноември“ на Град Скопје, двапати е награден со наградата „Стале Попов“ за роман на годината, Рациновото признание во 2007 за „Потрага по еден Лејбовиц“ и други. На 19 јуни 2003 година бил прогласен за почесен граѓанин на Подгорец, а од 2006 е почесен член на Албанската академија на науките. Добитник е на највисокото француско признание за достигнување во уметноста и книжевноста „Командант на Орденoт за уметност и писмо“.

Тоде Новачевски, композитор

Оваа година зграсна животот на Тоде Новачевски, еден од најдобрите македонски композитори и поранешен сопруг на пејачката Маријана, после долго боледување од рак на белите дробови.

Новачевски беше синоним за најпопуларниот сестрински дует кај нас и песната „Признавам“, испеан од Маријана и Росана. Тој повеќе децении беше во брак со Маријана, минатата година откри дека веќе две години се бори со карцином, но зборуваше и за подемите и падовите во бракот со Маријана и разводот.

Тоде е креатор на антологиските „Ако не исчезнам“, „Има една судбина“, „Трст виа Скопје“, „Свири ми брате цигане“. Човек кој со авторска големина и скромност остави многу зад себе.

Тоде Новачевски беше долги години во брак со Маријана Сариќ, со која имаат две деца, Филип и Магдалена. Роден е во Битола, 1955 година, а долги години живееше во Мелбурн, Австралија.

Проф. д-р Јовица Угриновски

Познатиот неврохируг специјалист проф. д-р Јовица Угриновски почина на 77-годишна возраст.

Специјализирал неврохирургија во Скопје (1975), завршил три постдипломски курса по неврохирургија во Монпелје (1977), Манчестер (1978) и Братислава (1981), магистрирал (1978) и докторирал (1986). Придонел во воведувањето на проспективниот предвидувачки скоринг систем во неврохирургијата и методот на премостување на крвните садови во мозокот. При атентатот врз Претседателот на РМ Киро Глигоров (Скопје, 1994) изведе сложени неврохируршки оперативни зафати. Организатор е на Итната санитетска хеликоптерска служба во РМ, како и на повеќе волонтерски организации и се занимава со алпинизам. Публикувал повеќе од 140 научни трудови и 6 книги.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот